Ако е забранета, не значи дека е помала од дозволената љубов – сопственичката на Радио Кавадарци автор на балада

by fokus

Ориентал бенд и нивната вокалистка Лидија Паскова ја промовираа новата песна и спот ,,Да знаат” за која музиката и текстот ги напиша Трајанка Митрова, позната во Тиквешијата како сопственичка на една од најпопуларните радио станици во регионот, Радио Кавадарци.

Станува збор за балада во која се пее за забранета љубов, и откако вчера беше промовирана на музичкиот канал Јутјуб, доаѓаат позитивните критики и пофалби на сметка на музичарите, но и на авторката на текстот и музиката, Митрова.

Паскова јавно и се заблагодари за нумерата, за која вели дека ја допрела во душата и како да е напишана за неа, додека пак Митрова порача дека со овој проект и се остварил сонот.

Ориентал бенд се едни од најомилените во Тиквешијата, и речиси и да нема забава каде тие не се задолжени за музичкиот дел. Функционираат околу осум години, а за својот репертоар знаат да кажат дека нема што нема. Од народни песни до рок, а исто така и нивните авторски песни се за сите музички вкусови. Снимаат народни, но и забавни мелодии, и велат дека со задоволство настапуваат на свадби, но и во клубови каде што се бара забавна музика.

Трајанка Митрова пак, во Кавадарци е позната како жената која што 12 години успешно раководи со Радио Кавадарци, медиум кој што со нејзината посветеност и љубов успеа да ја преживее транзицијата и над шест децении е во етерот.
Зад себе има голем број на награди и признанија за најслушано радио, четири години води според анкетите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во земјава, а има освоено и музички признанија во соседна Србија.

Ова е прва соработка на Митрова и бендот, а според реакциите на слушателите, најверојатно и во иднина ќе можат да очекуваат нивни заеднички проект. Аранжманот за музиката на ,,Да знаат” е на Никола Дафов, а за спотот бил задолжен режисерот Ненад Витанов и Арт Студио.

Вики Клинчарова

Поврзани новости