Енгин Ајро, татко на 12-годишната Аниса, која исчезна во четвртокот, и беше пронајдена на Бит Пазар по три дена, се заблагодари на јавноста која покажала солидарност во случајов.
Во телефонски разговор за ,,Фокус” вели дека она низ кое поминало неговото семејство, додека не знаеле каде е девојчето, не го посакува никому, и се надева дека сега, кога сите се заедно, траумата ќе остане зад нив и ќе го продолжат животот.
-Немам зборови за да кажам колку ми значеше поддршката која ја добив од целата јавност. Сите кои го споделија апелот и фотографијата од ќерка ми, сите кои ми се јавија, кои се вклучија во потрагата, кои ја разбраа мојата мака како родител, сите тие луѓе се херои.
И јас, како татко на три деца, без размислување би го сторил истото, без разлика за чие дете се работи, и јас би споделувал фотографии, би учествувал во потрага… Народот покажа невидена солидарност, преблагодарен сум- вели тој.
Додава дека му паднал невиден товар кога ќерка му била пронајдена, и сега е мирен бидејќи семејството му е дома, сите се заедно. Вели дека секогаш живееле во слога, добро ги воспитувале децата, и како родители, секогаш сакале нивните деца да учат, да го изберат вистинскиот пат.
-Не сум од оние родители кои ги караат своите деца, се обидувам на мирен начин, со дела и со зборови да им покажам како треба. Сега, откако Аниса е дома, со убаво се трудиме да укажеме на грешката, не прашувам многу, сакаме да помине шокот кој го доживеавме.
Ниту еден родител не би сакал да го помине ова кое нам ни се случи, затоа не треба да има место за предрасуди, за негативни коментари. Сите го посакуваме најдоброто за нашите деца, но не знаеме што може да ни донесе животот.
Изминативе денови ми се јавија толку многу луѓе, кои дури и не ме познаваат, се јавуваа не само од Македонија, туку и нашинци од други земји, уште еднаш им се заблагодарувам за разбирањето и за солидарноста – ни изјави Енгин.
Како потсетување, Аниса беше исчезната заедно со 15-годишната М.К.. И двете девојчиња беа пронајдени заедно во саботата и сега се со своите семејства.
Вики Клинчарова