(ВИДЕО) Почна судењето на Тачи во Хаг: Невин сум!

by Fokus

Утрово пред Специјалниот суд во Хаг започна судењето на поранешните водачи на ОВК – Хашим Тачи, Кадрије Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи.

Беа претставени тимовите на обвинителството и одбраната на сите четворица обвинети.

Хашим Тачи рече дека го разбира дополнетото обвинение, но дека не е виновен.

„Јас сум целосно невин“ – рече тој.

Весели, пак, изјави дека не го прифаќа обвинението, дека не се согласува со одложување на судењето за две години, и дека не е виновен по ниту една точка од обвинението.

Селими рече пред Судот дека го разбира обвинението и останува на својата претходна изјава дека не е виновен за ниту едно од обвиненијата.
Красниќи, пак, изјави дека нема никаква врска со ниту една точка од обвинението и дека го разбира обвинението како што е, но не се согласува со него и не го прифаќа, пренесува „Косово онлајн“.

Четворицата се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во 42 незаконски притворања на поранешната ОВК во Косово и Албанија на најмалку 407 притвореници, од кои најмалку 98 се убиени.

Поврзани новости