Таткото на малиот Алмир и двајцата други обвинети за „насилство“, на денешното судско рочиште рекоа дека не се виновни за делото кое им се става на товар. Седат Алиу, чие дете загина откако беше прегазено со кола управувана од обвинетиот Бобан Илиќ, на денешното судење побара да биде ослободен од обвинението. Како што рече тој, не знае зошто е обвинет кога само си ја бранел фамилијата.
Адвокатот Асмир Алиспаиќ побара ослободителна пресуда за неговите клиенти, посочувајќи во завршните зборови дека имало пропусти во обвинението, дека нема соодветни докази дека неговите клиенти го извршиле насилството. Тој уште еднаш повтори дека за него е неразбирливо како во овој случај не се гони братот на обвинетиот, кој во постапката е наведен како оштетена страна. Повтори дека обвинителката е пристрасна во овој случај.
Алиспаиќ рече дека двајцата доктори од Универзитетската клиника за невроспихијатрија и сообраќајниот вештак немале важечки лиценци издадени од Министерството за правда, односно вештачењата го изготивиле кога лиценците им биле истечени. За своите клиенти посочи дека не го сториле делото, за што вели не е направена компаративна споредбена анализа и дека сведоците не ги препознавале лицата кои наводно ги нападнале. Тој побара од Судот повторно да го отвори главниот претрес во врска со лиценците на вештаците, за да се разјаснат укажувањата.
Извор: МИА