Татко и син од Скопје на 13 септември во дворот на семејната куќа организирале веридба на која имало 30 гости. Угостителски објект пак на 3 октомври организирал свадба со 90 гости во време на пандемија.
Скопското јавно обвинителство за нив поднесе предлози за издавање казнени налози за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 од Кривичниот законик. За таткото и синот се предложени парични казни од 100 дневни глоби со поединечна вредност на дневната глоба од 20 евра. За угостителскиот објект, пак, на Основниот кривичен суд му е предложено да изрече парична казна од 300.000 денари.
Тој во објектот дозволил да се организира настан – свадба на која биле присутни околу 90 лица, со што го довел во опасност животот и здравјето на луѓето. Настанот бил утврден при контрола и надзор од страна на овластени лица од Државниот пазарен инспекторат.