Ќе се поставуваат монтажни ковид центри со 90 кревети во битолската болница

by fokus

Градежна механизација од Битола почна со подоготовка на терен со површина од 1.000 квадратни метри каде ќе бидат поставени три модуларни градби, нов ковид центар за сместување на пациенти инфицирани од вирусот корона.

Модуларниот ковид центар ќе биде на јужната страна од дворот на Клиничка болница-Битола со две модуларни градби кои ќе содржат интегриран тријажен центар со стационар и една модуларна градба со независен тријажен центар со капацитет од 90 кревети.

-Со цел интервентно да се одговори на потребата за проширување на здравствени капацитети и да се овозможи организација на просторот, во рамки на парцела на Клиничката болница, почна подготовка за поставување на модуларен Ковид центар, проект кој го реализираат Министерството за здравство и Општина Битола. Планската документација ја изработија општинските служби, локалната самоуправа се вклучи и во расчистување на теренот со ангажирана механизација на јавните претпријатија, а од денеска се врши рамнење на теренот, информираа од Општина Битола.

Со новиот Ковид центар кој ќе работи во состав на регионалниот ковид центар, ќе се овозможи дополнителен капацитет за прием и тријажа на ковид пациенти.

Во моментов, на инфективното одделение во Битола на болничко лекување се 70 лица инфицирани од Ковид-19, а во текот на ноќта животот и борбата со коронавирус ја загубија три лица, жители на општините Демир Хисар, Ресен и Новаци.

Поврзани новости