Од функцијата економски директор денеска е разрешен Никола Ташев, кој неколку години беше менаџер на скопската Инфективна клиника, а речиси една година управува со финансиите на Клиниката за токсикологија.
Според нашите информации, неговиот мандат одамна е истечен и тој одреден период функционираше како незаконски овластен потписник на сите документи.
Неговото име протече во јавноста откако неколку лекари од клиниката се пожалија дека се под постојани притисоци и закани од него, а кога дошол на клиниката, им ја зел канцеларијата на дежурните и си ја присвоил за себе. Дури, еден од лекарите, Нестор Поповски, во март годинава јавно обвини дека Ташев го избркал како партал од Стручниот колегиум без никаква причина.
Во 2006 година, откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, скопскиот Клинички центар беше поделен на 32 клиники, кои имаат 56 директори и 142 члена на управните одбори. До тоа дојде, откако „вмровците“ инспирирани од менаџирањето на банките, одлучија истиот систем да го применат во јавното здравство, така што болниците добија по двајца директори, еден стручен и еден економски директор.
Според системот на врзани потписи, тие требаше да направат ефикасни реформи во здравството, а во исто време да ја зголемат контролата на работењето. Со текот на времето, проектот во јавните здравствени установи пропадна, а економските директори останаа да управуваат само на скопските клиники. Пред да стапат на функција, за нивните шестмесечни курсеви беа потрошени 200.000 долари.
Министерот за здравство Арбен Таравари пред одреден период нагласи дека ќе се укинат економските директори на клиниките, со оглед на тоа што клиниките имаат огромни долгови од над 50 милиони евра. Менаџерите на клиниките земаа плати од 1.000 до 1.500 евра.
Ирена Мулачка