„Ништо не е променето во ДПМНЕ, тоа е истата партија од минатото која функционира со ширење невистини. ДПМНЕ, помпезно на прес конференции се фалеа дека за неколку часа биле собрани потписи, и тоа повеќе од потребните. Но, се покажа дека не е така. ДПМНЕ, повторно ги излажа граѓаните“ рече на прес-конференција Лидија Тасевска, пратеничка на СДСМ.
„Како што ги лажираат анкетите така се обидоа да го лажираат и собирањето потписи. Бидејќи немаат собрано валидни потписи за својата кандидатка, ДПМНЕ ја поднесе кандидатурата во ДИК со потписи на пратеници, а не со потписи од граѓани. Зад кандидатурата на Стево Пендаровски застанаа 22.449 граѓани а зад Гордана Силјановска само 40 пратеници од ДПМНЕ“ вели Тасевска.
Таа посочи дека „Силјановска е само продолжена рака на нејзината партија. Ниту ДПМНЕ, ниту Силјановска не можат да донесат промени на подобро“.
„На граѓаните не им треба претседател кој ќе биде продолжена рака на Белата палата, партиски послушник, на граѓаните не им треба реприза на Иванов. На граѓаните не им треба уште една катастрофа како во Скопје“ смета пратеничката.