1.1K
На денешната расправата во случајот „Таргет-Тврдина“, која беше одложена бидејќи обвинетиот Сашо Мијалков се тестирал за присуство на корона вирусот, беше констатирано дека биле доставени три поднесоци, извести Зелена Лупа, која врши мониторинг врз судскиот процес.
Притоа, првиот поднесок бил од лидерот на Достоинство Стојанче Ангелов, кој побарал да биде приклучен на листата на оштетени и воедно пријавил оштетно побарување поради тоа што бил предмет на незаконско прислушување вкупно 1.279 денови.
Потоа, вториот поднесок е од екс разузнавачот Александар Диневски, кој бара да биде повикан и сослушан како сведок-оштетен во оваа постапка, додека за оштетното побарување од незаконското следење на комуникациите ќе се произнесе на неговото сослушување пред Судот.
И, третиот поднесок всушност е известување од новинарот Боби Христов, кој го известува судот за неговото денешно отсуство како сведок-оштетен во оваа постапка бидејќи бил со Решение за изолација.
Следното рочиште е закажано за 16.10.2020 година во 10 часот.