Откако вчера во јавноста излезе видео на кое кандидатот за градоначалник за Кисела Вода од ВМРО-ДПМНЕ, Јохан Тарчуловски вели дека нема да гради во Пржино и Црниче бидејќи таму нема гласачи, денеска тој најави десетина инфраструктурни проекти за овие населби.
-Веднаш по изборите ќе се отпочне со изведба на атмосферска канализација на 15 улици во населбата Пржино. За реализација на овие проекти веќе се обезбедни финансиски средства од Светската Банка во висина од 110 милиони денари. Исто така, планирана е и реконструкција на улици во населбата Црниче, меѓу кои и Банско, Рилски конгрес, Ениџе Вардарска, Серска, Чедомир Кантарџиев и Неврокопска. На дел од овие улици предвидена е и изградба и реконструкција на тротоарите со што ќе се зголеми безбедноста на пешаците, како и реконструкција на скалите на улицата Рилски конгрес, рече Тарчуловски.
Тој најави и изградба на спортскиот комплекс Славија во населбата Пржино по пат на јавно-приватно партнерство. Според програмата, рече, предвидено е носење на детални урбанистички планови за одредени делови од Црниче и Пржино, изградба на детски и пензионерски катчиња во парковите и продолжување со легализација на бесправно изградените објекти.