Арбен Таравари, лидер на Алијанса за Албанците, во интервју за последниот број на неделникот „Фокус“ говори и за причините поради кои своевремено ја напуштија владата на СДСМ и ДУИ, иако нивните 3 пратеници беа клучни за политичките промени. Како што вели тој, работата се прекршила на локалните избори, кога тогашниот премиер Зоран Заев ги излажал дека нема дил со ДУИ, а на крај се појавил на кампања во Струга. Според него, тоа било некоректно кон Зијадин Села, кој најмногу настрада на 27 април.
Разговараше:
Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: По изборите во 2016 година, вашите тројца пратеници го овозможија новото мнозинство, за што Села плати најголема цена. Но, оваа „жртва“ не успеавте политички да ја капитализирате, дури и бевте избркани од владата. Како денес гледате на тоа?
ТАРАВАРИ: Во 2017 година, прва наша цел беше режимот да се смени и второ – ДУИ да ја смениме. По изборите, ВМРО беше со 51, а СДСМ со 49 пратеници. Седнавме со СДСМ, побаравме одредени работи, како Законот за јазици, и кажавме нашите пратеници се тука. Значи, 49 плус 3 тоа се 52, и рековме повелете земете ги 10-те пратеници од ДУИ, оти немаше друга комбинација.
На 27 април имаше повеќе пратеници Албанци, но мета беше само Села. Сега знаеме повеќе работи, и странски држави беа вмешани, метата беше погодена, оставен бил како мртов. Прво почнаа со кампања против Села дека сакал да ја дели државата, дека е најголемиот националист. И на 27 април баш него го нападнаа, за среќа успеа да се извлече и денес фала Богу е добар.
ФОКУС: Каде точно се прекрши работата меѓу Вас и тогашната влада, поради што влеговте во еден круг на лоши односи и со Заев, кого го обвинувате дека ја блокира вашата општина итн.?
ТАРАВАРИ: Кога одлучивме да одиме сами на локалните избори, се случи таа преломна ситуација. Ние не знаевме, што е многу некоректно, дека Заев им ветил на Бејта, Меџити и Теута Арифи дека во Гостивар, Чаир и во Тетово СДСМ нема да има кандидати Македонци. Требаше барем да знаеме кај сме. Го прашав Заев точно ли е тоа, рече не е така. Но, на крај испадна така е.
И комплетно се скрши ситуацијата кога Заев отиде во Струга. Од морални причини, тој ден кога стана премиер, имавме мнозинство во парламентот, му се случи несреќа на човекот (Села). Од етички аспект, не би било добро да оди. И повторно отиде во Струга и веќе се знаеше дека нема да бидеме заедно.
ФОКУС: Вашиот противкандидат Бејта ги обвини сопартијците Џафери и Груби дека тие одработиле за вас на последните локални избори. Има ли вистина во тоа?
ТАРАВАРИ: Ахмети и Груби од 14 дена меѓу двата круга, 10 дена спиеја во Гостивар, само да падне Алијанса. Го земаат ли, останува без градоначалник и готова е партијата. Секоја вечер од куќа до куќа одеа Ахмети, Груби, Талат Џафери и направија сѐ што можеа, но изгубија со 6.000 гласа разлика, што е 50 отсто повеќе отколку гласовите на ДУИ.
А дека имало членови на ДУИ што гласале за нас, тоа е точно. Ние во локалната власт во Гостивар кон сите граѓани се обидуваме да бидеме коректни. И ако на повеќе членови на ДУИ им требало нешто во општината, претпријатијата, училиштата, сме им завршувале работа, исто како да се наши членови или исто како за сите други граѓани. Тие го вреднувале ова. Од 14 директори на училиштата, 4 биле бивши членови на ДУИ.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.