Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари најави повлекување од функцијата генерален секретар на опозициската Алијанса за Албанците предводена од Зијадин Села.
Првично, тој ваквата најава ја даде во контекст на неповолниот изборен резултат на последните локални избори, на кои АА, заедно со веќе поранешниот коалициски партнер Алтернатива, забележаа драстичен пад на поддршката.
Притоа, Таравари посочи дека на партијата и е потребно кадровско освежување со помлади лица, а еден од нив треба да го наследи и него на позицијата прв партиски оперативец.
Во изјава за Фокус, тој појаснува дека се повлекува од партиската функција, но не и од партијата, бидејќи ќе продолжи да делува како член на Алијанса, дури, како што вели, и поактивен отколку досега.
–Мојот мандат за генерален секретар на Алијансата завршува на 25-ти декември, кога и ќе одредиме датум за следниот Конгрес на партијата. Со мандат до Конгресот останува само претседателот на партијата – вели Таравари.
Тој посочува дека нема повторно да биде секретар, од причина што, како што објаснува, како актуелен градоначалник и не стигнува да ги изврши сите задачи.
–Па, затоа предлагам на местото генерален секретар да биде некој помлад кадар, којшто има повеќе време и којшто интензивно ќе работи на терен со нашите структури во сите ограноци – истакнува Таравари.
Инаку, на изминативе локални избори албанската опозициска коалиција на АА и Алтернатива на советничките листи освои над 56 илјади гласови, а само една година порано на парламентарните избори освои над 82 илјада гласови.
Иако забележа пад од 26 илјади гласови, сепак, соработката со ВМРО-ДПМНЕ беше профитабилна за Таравари во градоначалничката битка во Гостивар, каде тој сметаше на над 4 илјади вмровски гласови.
После изборите, Таравари беше вклучен во операцијата за уривање на владата преку создавање на ново парламентарно мнозинство со ВМРО-ДПМНЕ, Беса и Алтернатива.
Меѓутоа, овој процес пропадна, па на крајот АА остана без коалициски партнер, откако Алтернатива ја замени Беса во владата предводена од СДСМ и ДУИ.
В.С.