Таравари ветува дека нема да ги остави учениците во Гостивар без превоз

by fokus

Градоначалникот на општина Гостивар Арбен Таравари, денеска на прес-конференција укажа на проблеми со кои се соочуваат општинските училишта поради, како што рече, неодговорно управување и опструкции од страна на директорите кои се назначени од Министерстството за образование и наука.

Тој смета дека одземањето на ингеренциите во сферата на образованието имало за цел да се вработат партиски војници на ДУИ.

– Докажав со аргументи, дека овие лица официјалните документи ги доставуваат во седиштето на партијата. Затоа ги повикуваме Просветниот инспекторат, Државниот инспекторат за труд и Обвинителството, да преземат мерки и да проверат кои се луѓето што им настава на гостиварските ученици и дали овие лица ги имаат потребните лиценци, потенцираше градоначалникот Таравари на денешната прес-конференција.

Тој како проблем го наведе и случајот со кој пред новата учебна година 35 наставници се отпуштени, а на нивно место се вработиле луѓе кои не се пријавени во Агенцијата за вработување и немаат здравствено и пензиско осигурување.

Градоначалникот Таравари изложи и проблеми со превозот на ученици во некои основни и средни училишта.

– За јавен превоз, дирекотрите на училиштата „Исмаил Ќемали“, „Единство“, средното техничко и средното медицинско, сé уште не го завршиле тендерот. Ги објавиле повиците без да имаат средства во нивниот буџет. Ние како Општина, иако не сме обврзани, ќе интервенираме со единствена цел да не ги оставиме овие ученици без транспорт, додаде Таравари.

Градоначалникот посочи и еден пример кој го нарече парадокс, во кој како што наведе, директорот на училиштето “Исмаил Ќемали” одбива општината да ги плати сметките за потрошена електрична енергија, доколку не бидат подмирени и останатите долгови создадени во училиштето со кое тој управува.

Поврзани новости