Таравари: Се очекува до петок да се постигне финален договор за формирање на Влада

by Fokus

Претседател на Алијансата за Албанците и еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, Арбен Таравари на новинарско прашање за преговорите за формирање Влада рече дека се очекува преговорите да завршат следната недела.

„Јас верувам дека следната недела преговорите ќе бидат завршени. Тимовите интензивно работат на владината програма, но истовремено верувам дека од понеделник ќе почне и поделбата на ресорите.”, рече Таравари.

Таравари е оптимист дека финален договор за формирање Влада ќе биде постигнат до петок.

„Во моментов е многу позитивна атмосфера, има разбирање од двете страни и многу сум оптимист дека до петок, ќе го имаме финален договор за идната влада“, изјави Таравари.

Во однос на случувањата во Управниот суд за донесување на решението за прегласување, Таравари рече дека претседателот на Управниот суд врши притисок врз судиите.

„Од утрото имам информации дека има вонреден притисок од претседателот на Управниот суд кој врши притисок врз судиите кои треба да го одработат предметот за прегласување. Посакувам и се надевам дека судијата мисли дека судијата може да биде одговорен за сите, вклучително и за судијата, доколку продолжат да вршат притисок”, рече Таравари, додавајќи дека судиите треба да одлучуваат непристрасно и правично.

На крајот Таравари додаде дека ДУИ е навикната да го има судот со него и под контрола.

„ДУИ е научена да има свој суд и под своја контрола, и се што се одлучува во Речица да одлучи и судијата. Сметам дека претседателот на Судот треба да мисли дека по 15 јуни ќе има нова Влада и не е нормално да се врши притисок врз судиите да ја донесат одлуката”, рече Таравари.

 

Поврзани новости