Денеска е последниот ден до локалните избори, кога кандидатите за градоначалници ќе имаат средби со граѓаните, претставувајќи им ги проектите што ги планираат во нивните општини.
За Гостивар ќе се борат четворица кандидати – Алијанса за Албанците со Арбен Таравари, ДУИ со Невзат Бејта, БЕСА со Фадтиљ Зендели и ДПА ја избра Рената Елези. Македонските партии за овие избори не поднесоа кандидатури, туку ќе се борат само за советничките листи.
„Фокус“ ги контактираше Таравари и Бејта за кусо интервју, но до објавувањето на овој текст, не добивме никаков одговор од Таравари. Бејта само накусо искоментира:
„Од партија ни соопштија да не даваме интервјуа пред локалните избори. Ќе дадам свој став по победата на изборите“, рече Бејта.
Тој е речиси сигурен во триумф во Гостивар, ветувајќи дека ќе се справи добро со проблемите со кои се соочува градот, а упати критики и до неговиот противкандидат Таравари.
„Таравари како надлежен орган не само што не ја исчисти оваа депонија, уште полошо, тој и неговите луѓе очигледно имаат и материјална корист од овој криминал на животната средина. Имаме, уплатници, издадени од месната заедница Чегране, кои докажуваат дека жителите им се наплаќа надомест за фрлање отпад во оваа дива депонија. Ова не е само злосторство против животната средина, овој случај покажува силни докази за корупција,“ рече Бејта на една од своите прес-конференции.
Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи денеска пред медиумите соопшти дека ја очекува најголемата победа на неговата партија во историјата.
„На оваа кампања успеавме да се спротивставиме и на нападите од страна на политичките конкуренти и на нивниот нефер и непринципиелен однос и на нивната непринципиелна коалиција во која веќе и самите не веруваат“, истакна Османи.
Актуелниот градоначалник Арбен Таравари на овие избори по вторпат ќе ја бара поддршката од граѓаните, а според него, тој ќе добие до 2000 гласови повеќе во однос на ДУИ.
„Граѓаните во недела треба да гласаат и да изберат програма и кандидат за кои сметаат дека се подобри. Гласањето треба да го направат мирно, трезвено, бидејќи сум убеден дека народот не греши во конечниот избор и секогаш го избира подобриот. Очекувам граѓаните да дадат голема поддршка и за листата за советници и да се обезбеди десет до дванаесет места во општинскиот совет. Според нашите согледувања од теренот и последните анкети, коалицијата Алијанса/Алтернатива има предност пред ДУИ од 1500 до 2000 гласа“, потенцираше Таравари при средба со граѓаните.
Поддршка и пофални зборови за актуелниот градоначалник на овој град даде и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Таравари го чувствувам како близок пријател и имам навистина прекрасен однос со него, додека со Невзат Бејта не сум имал можност да имам непосреден контакт. Ако ме прашувате како градоначалник, гостиварчани ја кажуваат разликата. Неспоредлива е. Мислам станува збор да споредуваме Монт Еверест и некој помал врв, да речеме некој локален балкански“, истакна Мицкоски во гостувањето во ТВ 21.
Првиот круг на локалните избори е во недела на 17 октомври, додека пак вториот круг од овој избирачки циклус е на последниот ден од овој месец (31 октомври).
Јорданчо Цветаноски