Нема да се случи колапс на системот за превенција и поддршка на ХИВ, државата ќе ги обезбеди средствата потребни за да се продолжат програмите кои досега финансиски ги поддржуваше Глобалниот фонд за борба со ХИВ/СИДА, туберкулоза и маларија, изјави денеска министерот за здравство, Арбен Таравари на заедничка прес конференција со здруженијата ХЕРА и ХОПС.
Тој вети дека ќе стои позади здруженијата на граѓани кои се борат со овие проблеми – ХЕРА и ХОПС и ќе направи се што е под негови ингеренции за да го надминат овој проблем кој ќе се јави за десет дена, откако секнуваат средствата од Глобалниот фонд.
Здруженијата од претходната власт исто така бараа да ветат дека државата ќе ја преземе обврската да вложува во програмите, по завршувањето на средствата од Глобален фонд но оттаму не наидоа на јасен став дали тие целосно ќе ги преземат обврските и ќе обезбедат средства.
„Нема да се случи колапс бидејќи се одвоени одредена сума на пари во буџетот на РМ која заедно со тие фондови кои веќе постојат од Глобален фонд, ќе се спојат и со нив ќе менаџираат во следниот период од околу шест месеци. Ние ќе помогнеме да се реализира тоа решение максимално до крајот на годината, а за идниот буџет тоа ќе го планираме како за сите групи. Има 14,6 милиони денари кои се планирани за до крајот на годината“, рече Таравари.
Според Христијан Јанкуловски извршен директор на ХОПС овие 14, 6 милиони денари кои се околу 238 илјади евра, заедно со 280 илјади евра кои Глобален фонд ги предвидел како средства за годинава, ќе обезбедат сума од пола милион евра за програмите да продолжат со имплементација.
„20 години работиме на програми за намалување на штетите од употреба на дрогите. Во Македонија постојат 14 програми во 14 градови од кои 4 во градот Скопје. Тие обезбедувааат најразлични услуги, опрема за инјектирање, заштита, консултација и едукација и поддршка. Благодарение на овие програми во последните 10 години има само два случаи на ХИВ по пат на инјектирање на дроги, односно од вкупниот број 315 случаи на ХИВ заклучно со 2015 година, помалку од 5 % односно помалку од 15 лица ХИВ добиле по пат на инјектирање на дроги.
Програмите на Глобалниот фонд завршуваат со финансирање на крајот на јуни. ПОвеќе од 10 илјади луѓе кои инјектираат дроги и нивните семејства се соочуваат со ризик да не продолжат да добиваат здравствена и социјална заштита од страна на граѓанските организации“, рече Јанкуловски од ХОПС.
Според Елизабета Божиноска од организацијата ХЕРА, во земјава во врска со ХИВ се засегнати неколку популации, првенствено лицата кои инјектираат дроги, но и мажите кои имаат секс со мажи и сексуалните работници.
„Благодарение на сите досегашни инвестиции кои беа фокусирани на програми на овие популации, Македонија успеа да воспостави контрола на инфекцијата и да остане земја со ниска стапка на ХИВ. Имаме најразлични услуги поврзани со ХИВ тестирањето, дистрибуција на кондоми и лубриканти, споделување на опрема за инјектирање, едукативни материјали, дијагноза и третман на сексуално преносливи инфекции итн“, рече Божиноска.
Годинава Македонија ги користи последните средства од Глобалниот фонд. Еден од условите за досегашната поддршка изминативе 13 години е обврската државата да го преземе финансирањето на програмите по завршување на грантовите.
Министерот Таравари даде јавна заложба дека ќе се изнајдат начини програмите да не се прекинат.
„До 1 јули има само 8 дена и се пробиени сите разумно рокови за користење и доделување на средствата од програмата на Министерството за здравство. Како Платформа сочинета од 16 граѓански организации бараме: 01. Донесување на итно решение за користење на средствата од програмата за ХИВ и 2. Да се воспостави соработката помеѓу Министерството за здравство и граѓанскиот сектор за донесување на соодветни закони /или подзаконски акти“, побараа организациите.