Кандидатот за претседател на албанската опозиција, здружена во коалицијата ВРЕДИ, Арбен Таравари, најави дека ќе се повлече од политиката ако изгуби на изборите. Тој во интервју за Радио Слободна Европа, вели дека е подобар кандидат од Бујар Османи, бидејќи зад него нема афери и скандали.
„Ако не победиме на овие избори, мислам дека така треба да биде. И во целиот западен свет е така, во сите развиени демократии е така. Ако изгубите избори, барем пред органите на партијата…иако кај нас имаше одредени случувања, не ми се дозволи од сопартијците барем едни избори да ги терам до крај. А јас им кажав, барам доверба од сите вас. Еден пар избори до 8 мај, ако не победиме на 8 мај, јас сум тука да дадам оставка и немаше да има сила која може да ме запре да не дадам оставка доколку бевме обединети и не победевме. И вака ќе победиме“ рече Таравари.
Според него нема друга алтернатива за државата да го продолжи патот кон ЕУ, освен да се направат уставните измени.