Актуелниот градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари ја објави својата кандидатура за претседател на државата.
„По предлог на Претседателството на Алијанса за Албанците и со поддршка од Европскиот сојуз за промени денеска се претставувам како кандидат за претседател на државата. Привилегија е да имам поддршка од толку многу фактори, одговорност е да се биде нивен избраник и нивен доверлив човек.
Инсистирањето беше и од пријатели, другари и истомисленици. Седнавме со партиите од опозицијата и сега сме заедничка албанска опозиција. Ова тело ќе го официјализираме во сабота. Дојдовме до констатација дека најдобро би било јас да бидам кандидат за претседател. Ова го одлучив синоќа доцна. Мислам ќе добиеме поголема поддршка од тоа што очекуваме, потенцира Таравари од центарот на Гостивар.
-Ако одевме со ДУИ, ќе ни саботираше гласачи, а нас ни треба кредибилитет како што почнавме пред 10 години. Почнавме како фракција од ДПА. Имаме партнери и заедно со нив ќе ја донесеме долгоочекуваната промена во албанскиот блок, додаде првиот човек на Алијанса.
Речиси е сигурен дека ќе влезе во вториот круг од претседателските избори.
-Понатаму со Господ напред. Ако во САД може еден човек со црна боја на кожа да биде претседател (Барак Обама), зошто тогаш и во Македонија, Албанец да не биде, посочи Таравари.
Тој порача дека дошло времето државата да има претседател Албанец.
„Не технички туку вистински“, порача Таравари.