Лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари упати писмо до амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир, амбасадорката на САД Ангела Агелер и другите амбасадори на членките на ЕУ, во кое бара покренување на „западен фронт за европеизација на земјата“,
„Оваа нивна, моја, но, и ваша грижа е чумата на корупцијата која ја зафати секоја пора на општеството, особено во врвот на власта каде партиските апаратчици се недопирливи. Тие се недопирливи, бидејќи партизираната и корумпирана правда им гарантира имунитет, дури и во случаите што ги отвори Организацијата на Европската канцеларија за борба против измама (ОЛАФ) за злоупотреба на милиони со парите на европскиот даночен обврзник“, пишува Таравари.
Тој потсетува на неколку случаи за кои се уште нема разрешница.
„Поминаа 4 години откако поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски (СДСМ), беше фатен како заговара коруптивен тендер вреден 7 милиони евра финансиран од Европската банка за обнова и развој. Исто така поминаа и 4 години откако поранешниот државен секретар на Министерството за информатичко општество и администрација, Јахи Јахиу (ДУИ) беше фатен како прима поткуп од 40.000 евра за да намести тендер вреден милион евра од ИПА фондовите.
Пред речиси 3 години беше откриено дека директорката на Агенцијата за европски образовни програми, Лидија Димова (СДСМ), злоупотребила стотици илјади евра од Еразмус+ фондовите и други европски образовни програми, на име на грантови за обука на магариња, коњи и фризерство. Истата го обвини нејзиниот претходник, Дарко Димитров (ВМРО-ДПМНЕ), дека во периодот 2016-2019 година злоупотребил 2,2 милиони евра од Еразмус+ коруптивно префрлувајќи ги на некои криминални здруженија.
Здравиот разум би рекол дека Северна Македонија, како земја која чека да ги отвори преговорите за членство во Европската Унија, со парите на европските даночни обврзници ќе ги решеше овие случаи на корупција со најголем приоритет, за да испрати порака дека земјата применува политика на нула толеранција кон злоупотребите на европските фондови“, стои во писмото на Таравари.
Тој посочува дека и покрај милионите вложени во судството и обвинителството од страна на ЕУ и САД, партизираните и корумпирани судии и обвинители им обезбедуваат неказнивост на високите функционери на политичките партии.
„Почитувани амбасадори на пријателските западни земји, ве повикувам заеднички да ги засукаме ракавите и да и објавиме војна на партизацијата на правдата и на корумпираните на секое ниво на власт. Решението е едноставно и со некои од вас детално го имам дискутирано во рамките на пакетот за владеење на правото што го подготвија експертите на Алијанса за Албанците“, пишува Тарвари.
До амбасадорите, тој истакнува дека борбата против криминалот и корупцијата на високо ниво треба да се фокусира на три главни оски – ветинг во правосудството, во политиката и во администрацијата, конфискација на незаконски стекнат имот и дуплирање на инвестициите во правосудството и институциите за борба против корупцијата.