По информациите кои произлегоа во јавноста за злоупотреби во Државната комисија за спречување на корупција, ги отвараме анкетните листови и работните искуства на членовите. Освен што имаат солиден имот, нивното работно искуство покажува дека речиси сите членови претходно имале долгогодишни ангажмани во државните установи
Претседателот на Комисијата за спречување на корупција, Игор Тантуровски, има три стана, од кои еден е во Белград, еден во Охрид, а два во Скопје. Вкупната квадратура на становите е 215 м2. Тантуровски вози Мерцедес Ц200 и Дачиа Сандеро.
Тантуровски има уште побогато работно искуство во државни установи. Пред да стане член на ДКСК бил финансиски директор на Универзитетска клиника по хируршки болести Св.Наум Охридски – Скопје, каде работел од 1995 година. Една година 2012-2013 бил заменик претседател на Управен одбор на ЈЗУ Здравствен дом Железничара, а од 2008 до 2010 година бил директор на ЈЗУ ЗС Железара.
Неговиот претходник, Горан Миленков, кој ги молеше новинарите да престанат да се интересираат за анкетниот лист на поранешниот премиер Никола Груевски, исто така може да се пофали со богат имот. Миленков има три стана во Скопје и еден во Охрид, како и куќа во Добри Дол. Вкупната вредност на неговите станови и куќа е 320.000 евра. Миленков вози Ауди 100, Опел Астра и Хјундаи Галопер, а пријавил и пловило. Според неговиот анкетен лист, Миленков поседува и Трактор Хускаварна. Миленков претходно работел како адвокат, а во 2008 и 2009 година бил ангажиран по договор како советник во Министерството за надворешни работи.
Имотот што го пријавила Фарије Алиу од ДКСК во анкетниот лист е на име на нејзиниот сопруг. Тие имаат куќа и стан во Гостивар и моторно возило Опел Астра. Таа е член на Комисијата од 2011 година, а претходно работела како раководител за финансии и буџет во Општина Гостивар. До 2007 година била раководител во Управата за јавни приходи во регионалната единица во Гостивар, а до 2011 година работела како раководител за финансии, буџет и локален економски развој.
Како Алиу така и Жаклина Дамческа, член на ДКСК, има имот на име на нејзиниот брачен другар. Според анкетниот лист поседуваат деловен простор во Словачка, земјоделско земјиште до Прилеп, две куќи во Прилеп и викендица на Плетвар. Од возила поседуваат Ауди. Претходно работела како советник за правни работи во Државното правобранителство во Прилеп, а од 2006 до 2008 година била и проект менаџер во Општина Прилеп.
Сејди Хаљиљи е член на Државната комисија за спречување на корупција од 2011 година, претходно работел како раководител на одделение на Државниот пазарен инспеторат во Тетово. Тој поседува земјоделско земјиште во Тетово со вкупна површина од 6.500 м2, куќа во Тетово од 224 м2, а вози Голф.
Сузана Таскова Аџикотарева, која во 2008 година работела како советник во Управата за финансиско разузнавање, а во 2012-2013 како советник во Лустрациска комисија, поседува земјиште во Куманово, два стана во Скопје, градежно земјиште во Струмица, и депозит во три банки.
Најдо Спасевски, пред да дојде во ДКСК, работел во адвокатура. На неговиот анкетен лист се наведени два стана во Скопје и моторно возило Цитроен.