Иако, министерот за здравство Никола Тодоров вети дека државата ќе ги плати сите трошоци за седмиот оперативен зафат во странство врз деветгодишната Тамара Димовска од Велес, која има искривување на рбетот, сепак девојчето се уште чека, а нејзината здравствена состојба од ден на ден се повеќе се влошува. Конзилијарното мислење кое било испратено до Фондот за здравство покажува дека нејзината состојба не била итна.
Нејзината мајка преку фејсбук се пожали дека цело време се заглавени во административни процедури, а здравствената состојба на нејзиното девојче се повеќе се влошува.
– Драги пријатели, бидејќи ве интересира до каде сме со случајот на мојата ќерка Тамара, морам да ве известам дека сме заглавени во правна процедура и тоа сите документи што ги доставивме од сите болници од Македонија мораме повторно да го правиме истото. Најтешкото е што никој не се нафати со 40 проценти кривина да не лекува, сега треба да кажат и со над 80 проценти кривина дали ќе ја лекуваат. Нови нервози, непотребни трошоци, а никој не ме прашува од каде сега пари за тоа. Освен изјавата од министерот дека ќе го покријат лекувањето на Тамара, нема ништо ново. Никој не се јавил што понатаму, каде и како да се лекува Тамара. Жалосно е што мораме да правиме невролошки испитувања, состојбата ни се влошува се повеќе. Ќе се јават и нови болести, ние процедурата си ја запазуваме. Тешко нас, до лето немам надеж дека ќе успееме. Благодарност до сите хумани луѓе кои ни даваат поддршка и помош, но ова е вистината – објави на својот Фејсбук, Жаклина Димовска, мајката на Тамара.