Денеска е државен празник во Авганистан, бидејќи Талибанците ја слават првата годишнина од враќањето на власт по повлекувањето на американските сили.
„Помина една година во земјата, обележана со нагло опаѓање на правата на жените и длабока хуманитарна криза“, јави телевизијата Франс24.
На 15 август 2021 година, исламските фундаменталисти без борба го зазедоа главниот град Кабул по молскавична офанзива низ Авганистан против владините трупи збунети од повлекувањето на силите на САД и НАТО по дваесет години воена интервенција во земјата.
„Ја исполнивме нашата должност наметната од џихадот и ја ослободивме нашата земја“, резимира Нијаматула Хекмат, еден од талибанските борци кои влегоа во Кабул тој ден – само неколку часа откако соборениот претседател Ашраф Гани избега од земјата.
Освен прогласувањето на денешниот ден за државен празник, досега не е најавена официјална церемонија во врска со годишнината. Државната телевизија, сепак, посочи дека ќе емитува специјални програми без да даде детали.