Талески од притвор назначува директори на јавни претпријатија

by fokus

Битолскиот градоначалник Владимир Талески од куќен притвор распишал конкурс за избор на директор на Комуналното јавно претпријатие „Нискоградба“ од Битола.

На интернет-огласникот „Најди работа”, на 3 септември е објавено декa градоначалникот распишал оглас за избор на директор за јавното претпријатие, а истиот трае до утре.

По распишувањето на конкурост реагираше советничката во Советот на Општина Битола од ВМРО-Народна партија, Габриела Илиевска.

– Сакам јавно да поставам само две прашања. Прво дали Талески дома кај него ќе ги повикува кандидатите за избор на директор и ќе ги интервјуира или пак, како и досега на незаконски начин од дома ќе потпише ново в.д. решение за досегашниот директор да продолжи да директорува. Според мене што и да направи Талески е спротивно на законот – вели Илиевска.

Илиевска и претходно го обвини Талески дека актуелниот директор Кире Крстевски повеќе од една години бил незаконски поставен на директорското место.

Истата советничка минатиот месец поднесе барања до Основниот суд, Апелацијата и  Специјалното јавно обвинителство да се изјаснат дали Талески смее да раководи со општината додека е во куќен притвор.

Инаку, битолскиот градоначалник веќе трет ден е во домашен притвор за случајот „Транспортер”, во кој се терети дека со коруптивни тендери со школскиот превоз ја оштетил општината за 360 илјади евра.

Поврзани новости