Битолскиот градоначалник Владимир Талески од куќен притвор распишал конкурс за избор на директор на Комуналното јавно претпријатие „Нискоградба“ од Битола.
На интернет-огласникот „Најди работа”, на 3 септември е објавено декa градоначалникот распишал оглас за избор на директор за јавното претпријатие, а истиот трае до утре.
По распишувањето на конкурост реагираше советничката во Советот на Општина Битола од ВМРО-Народна партија, Габриела Илиевска.
– Сакам јавно да поставам само две прашања. Прво дали Талески дома кај него ќе ги повикува кандидатите за избор на директор и ќе ги интервјуира или пак, како и досега на незаконски начин од дома ќе потпише ново в.д. решение за досегашниот директор да продолжи да директорува. Според мене што и да направи Талески е спротивно на законот – вели Илиевска.
Илиевска и претходно го обвини Талески дека актуелниот директор Кире Крстевски повеќе од една години бил незаконски поставен на директорското место.
Истата советничка минатиот месец поднесе барања до Основниот суд, Апелацијата и Специјалното јавно обвинителство да се изјаснат дали Талески смее да раководи со општината додека е во куќен притвор.
Инаку, битолскиот градоначалник веќе трет ден е во домашен притвор за случајот „Транспортер”, во кој се терети дека со коруптивни тендери со школскиот превоз ја оштетил општината за 360 илјади евра.