Градоначаникот на еден од најзагадените градови во Македонија, Битола, Владимир Талески, денеска изјави дека и пред протестите општина Битола преземала мерки за намалување на загадувањето на воздухот.
-И кога е модерно да се протестира дека воздухот е загаден или колку е загаден, сакам да потсетам дека Општина Битола правеше проекти и пред оваа мода да стапи во сила. Така бевме меѓу првите општини кои направија кружни текови, ги тргнаа семафорите од улиците, меѓу првите општини донесовме план за екологија, а топловодот што се планира е вистинско решение за справување со аерозагадувањето, рече Талески.
Од здружението „За нас се работи“ формираа платформа „Петка за Битола“ со која бараат итно преземање на следните мерки: посебен режим на сообраќајот во центарот на градот, прскање на улиците, јавен еколошки превоз, субвенции за електрична енергија, топлификација за институциите.