Собранието ќе заседава откако претседателот на државата Ѓорге Иванов ќе му го додели мандатот за формирање нова влада на Зоран Заев, пишува порталот МКД.
Претседателот на законодавниот дом Талат Џафери чека да ја добие таа одлука и програмата на новата влада, па ќе ја закаже првата собраниска седница по неговиот избор, велат од Собранието.
А од кабинетот на претседателот на државата чекаат објавување на одлуката за избор на новиот собраниски претседател во Службен весник, по што би почнал да тече рокот од 10 дена за давање на мандатот за формирање нова влада. Минатата недела од Службен весник најавија дека на почетокот на неделава одлуката ќе биде објавена. Денеска тоа сѐ уште не е сторено.
Денеска од Службен весник информираат дека барањето за објавување на одлуката за избор на претседател на Собранието на Република Македонија е доставено и ќе биде објавено во првиот нареден број.