Талат Џафери: ДУИ ќе гласа за распуштање на парламентот, не сме дел од ујдурмата за одлагање на изборите

by fokus

ДУИ не учествува во каква било ујдурма за одлагање на изборите закажани на 11 декември и ќе гласа за распуштање на парламентот на седница на Собранието која кога сакаат нека ја закажат, вели за „Фокус“ Талат Џафери, координатор на пратеничката група на ДУИ.

Тој негира дека неговата партија стои во заднината на какви било сценарија, калкулации и игри околу закажувањето на собраниската седница на која би се гласало  за распуштање на парламентот.

„Ако сме се договориле да одиме на избори на 11 декември, тогаш нема логика да се прават какви било игри или ујдурми со договореното. Нека не си играат со оган, ако планираат какво било изигрување на договореното треба да бидат свесни дека си играат со државата“, вели Џафери.

На прашање што ако се прифати предлогот на владејачката ВМРО – ДПМНЕ, одлуката за распуштање на парламентот да се најде на собраниска седница уште вечерва, дали во тој случај ќе остане да виси решавањето на шестата изборна единица, односно проблемот со вишокот гласачи Џафери вели:

„Шестата изборна единица не е проблем на ДУИ, тоа е проблем на државата и досега требаше да се расчисти тоа прашање“.

ВМРО – ДПМНЕ предложи Собранието на Република Македонија уште денеска, во 17 часот, да закаже седница на која што прва точка ќе биде донесување на Буџетот за 2017 година, со што, како што наведе владејачката партија, ќе се гарантира редовна исплата на плати, пензии, социјална помош и подмирување на другите потреби на граѓаните. Како втора точка, која ВМРО – ДПМНЕ вели дека во целост ќе ја поддржи, предлага да биде донесување на одлуката за распуштање на Собранието и за неа да се расправа во 19 часот.

Во однос на предлогот од  ВМРО – ДПМНЕ, прво да се гласа Буџетот, а потоа да се оди на распуштање на парламентот Петре Шилегов, портпарол на СДСМ за „Фокус“ вели дека секое условување, поврзано со прашањето за распуштање на парламентот, е јасен сигнал дека ВМРО – ДПМНЕ сака да ја избегне одговорноста околу тоа прашање.

„ Прашањето за тоа какви седници ќе се свикуваат, со кој интензитет и за кои прашања, не зависи од СДСМ. Тоа зависи од претседателот на Собранието Трајко Вељановски “, дециден е Шилегов.

С.М.

Поврзани новости