Таксистите од Гевгелија ќе блокираат граничен премин

by Фокус

Граничниот премин „Богородица“ два часа ќе биде затворен за сообраќај во двете насоки поради протестот на таксистите и приватните автобуски превозници од Гевгелија кои бараат да бидат вклучени во превозот на мигрантите според неодамна постигнатиот договор, информираше Миле Ангелов, претседател на здружението на такси превозниците.

Бидејќи изминативе два дена нема ништо од договорот за рамноправен превоз на мигрантите со МЖ, односно такси возилата и автобусите да возат дење, а возот ноќе, како што беше договорено на состанокот на Координативното тело за справување со кризи, одлучивме преминот да го блокираме денеска од 10 до 12 часот и тоа да го правиме секој нареден ден додека не профункционира договорот, рече Ангелов.

Дали и во наредниве денови таксистите ќе ги блокираат и влезовите на градот ќе се одлучува дополнително, велат таксистите кои сметаат дека МЖ не може да држи монопол во превозот на мигрантите. Нивното незадоволство е големо затоа што во превозот на мигрантите ја гледаат месечната заработувачка со која преживуваат. Такси превозниците тврдат дека ги плаќаат сите придонеси и трошоци кон државата и очекуваат да им се создадат минимални услови за работа.

Поврзани новости