Тајни средби меѓу Заев, Ахмети и Груевски за Кривичниот законик, измените се крчкале 3 години!

Имало десетици средби во Клубот на пратеници за измена на КЗ и да се усогласи со европските стандарди. Во тие средби имало работни групи. Средбите се остварени на многу таен начин помеѓу Зоран Заев, Никола Груевски и мене. Сме разговарале со часови и со денови. Дојдовме до моментот каде се согласивме сите и на крај се повлече ВМРО, тврди Ахмети.

by Фокус

Последните измени на Кривичниот законик, во делот на скратување на казните за „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „злосторничко здружување“, се крчкале цели 3 години. Во овој процес биле вклучени СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а се одржувале и тајни средби меѓу Зоран Заев, Никола Груевски и Али Ахмети. Но, првиот пат од овие измени отстапил Заев, додека сега се повлекол Христијан Мицкоски.

ЗАКОН ОД ВРЕМЕ НА ЈУГОСЛАВИЈА

Ова го откри лидерот на ДУИ Ахмети, кој во телевизиско интервју истакна дека измените на Кривичниот законик не претставуваат амнестија или помилување како резултат на политички пазар, туку, како што вели, се прави корекција на еден неправеден закон што е реликт од поранешна Југославија, со цел рационалност и забрзување на постапките.

Кривичниот законик кој ние го имаме е фосил останат од југословенскиот режим, за да се одолговлекуваат истрагите и да се држат луѓето под истраги по 6-8 години. Целите измени се направени за да има функционална држава и функционално правосудство, а не да се задржи човек 6 години под истрага и потоа да се прогласи невин или да се осуди на 6 години.

Ние сме ги анализирале сите земји какви им се нормите и Кривичниот законик. Кривичниот законик кој ние го имаме го нема ниту една земја на ЕУ. И неслучајно е ставен на гласање со европска ѕвезда, затоа што се однесува на стандардите и реформите што ние сакаме да ги инсталираме и да ги придвижиме напред во правосудството – рече тој во интервју на ТВ 21.

ДЕСЕТИЦИ СРЕДБИ ЗА 3 ГОДИНИ

Воедно, тој откри дека темата за овие измени на КЗ е отворена веќе 3 години, во кои, како што појаснува, е разговарано и дебатирано со опозицијата да се укине Кривичниот законик. Сепак, според неговите тврдења, на крај испаднала интересна ситуација. Имено, измените прво се одложиле бидејќи Заев се откажал, додека сега тоа го направил Мицкоски.

На крај испадна интересен епилог. Првично, не се согласуваше Зоран Заев. Потоа кога се договоривме да се укине, договорот со СДСМ затоа што СДСМ првично се повлече, кога се договоривме со СДСМ се повлече ВМРО. Се повлече Христијан Мицкоски од измената на Кривичниот законик и ова беше големо изненадување.

Имало десетици средби во Клубот на пратеници за измена на овој Законик и да се усогласи со европските стандарди. Во тие средби имало работни групи. Средбите се остварени на многу таен начин помеѓу Зоран Заев, Никола Груевски и мене. Сме разговарале со часови и со денови. Дојдовме до моментот каде се согласивме сите и на крај се повлече ВМРО – обелодени Ахмети.

УСТАВНИ ИЗМЕНИ ДО НОЕМВРИ?

Истовремено, тој тврди дека измените на КЗ не се производ на договор со ВМРО-ДПМНЕ за уставни измени, ниту тие се направени со цел враќање на Груевски во земјава. Лидерот на ДУИ смета дека опозицијата ќе направи патриотски чин со поддршката на внес на Бугарите во Преамбулата. Патем, најавува дека тоа ќе се склучи до ноември, бидејќи цела национална и меѓународна активност била насочена кон таа цел.

Јас сум секогаш оптимист. Дали некогаш сум звучел песимистички? Колку години ме следите во политиката? Дали се согласувате дека се што сум рекол досега се реализирало? Дали има нешто што сум рекол, а не испаднало така? Еве сега ви кажувам, уставни измени ќе има! Не треба да седиме на два стола, не треба да сме песимисти, не треба да сме разочарани. Ние сме во залет, ќе ги поминеме сите пречки до зачленувањето во ЕУ. Нема назад.

-Собраниската дебата е завршена. Потребно е да се свика седница за гласање, не ви кажувам кога, но во моментот кога ќе биде свикана седницата ќе се гласа. Кога? Дебата е затворена, Собранието ќе свика наредна седница, само за гласање, рокот за тоа е до пред парламентарните избори. Сега дали ќе има 80 или 120 не знам, јас сакам да има 80 пратеници, Димитар Ковачевски сака да гласаат сите 120 пратеници „за“ – порача Ахмети.

СЕРИОЗНИ ПРЕГОВОРИ СО ПРАТЕНИЦИ

Инаку, последниот број на неделникот „Фокус“ пишува дека уште пред да поминат измените на КЗ, Ахмети ги уверувал сопартијците дека води сериозни преговори со пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, како и дека работи на враќање на Груевски, при што во ова сценарио го споменувал Врховниот суд.

Ахмети тврдел дека има план за Груевски – ќе помогне од далечина или ќе се врати во земјава?

Исто така, откривме дека претседателот Стево Пендаровски бил убедуван да го помилува Груевски, што веднаш потоа го потврди самиот Пендаровски, истакнувајќи дека за ваква можност бил консултиран пред 7-8 месеци на неформално ниво од „некои актери на политичката сцена“.

Пендаровски потврди дека бил консултиран за помилување на Груевски: Не би го направил тоа никогаш!

Веднаш потоа, реагираше лидерот на опозициската Алтернатива Африм Гаши, кој оцени дека претседателот Пендаровски одговорил на неговото прашање дали Ахмети барал од странците амнестија на Груевски, како и дека ја потврдил неговата информација дека владина делегација била во Бидумпешта.

Гаши смета оти Пендаровски потврдил дека Ахмети барал амнестија на Груевски!

Влатко Стојановски

Поврзани новости