Опозицијата се сомнева дека незаконски е следена и прислушувана

by Фокус

Опозицијата не добила јасно уверување од безбедносните служби дека во Северна Македонија не се користат напредни софтвери за следење на комуникациите.

Тоа, според опозиционерите, произлегло од денешната седница на собраниската комисија за надзор на работата на разузнавачките и контраразузнавачките институции на која се разгледуваа извештаите на МВР, Агенцијата за националната безбедност, Агенцијата за разузнавање и Военото разунавање.

Уште во јули собраниската комисија ги задолжи овие четири безбедносни организации да изготват документи во кои ќе објаснат дали во земјава „има, се произведуваат, се користат или злоупотребуваат софистицираните системи Пегасус и Предатор“.

Членовите на комисијата денеска, на затворена седница, ги добиле извештаите кои се класифицирани како строго доверливо и затоа, никој од нив, не смее во јавноста да зборува за нивната содржина.

-Не добивме кредибилен демант дека во Македонија не се прави следење со напредни и малициозни софтвери кои ни влегуваат, буквално, дома. Кај нас, како најголема политичка партија во земјава постои сериозно сомневање дека сме под постојано физичко следење како опозициски политичари, и кое најверојатно се прави нелегално од страна на одредени безбедносни структури. Во Македонија, се произведувал ваков малициозен софтвер – тоа е компанијата „Сајтрокс“ која веќе е на американската црна листа заради оваа работа – изјави членот на комисијата од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски.

Бирото за индустрија и безбедност на Министерството за трговија на САД во јули ја стави „Сајтрокс“ на „црната листа“ со уште три фирми од Грција, Унгарија и од Ирска поради „обиди да добијат пристап до информациски системи, со цел да ја загрозат приватноста и безбедноста на поединци и организации низ светот“.

Оваа компанија до минатата година ја водел Иво Малинковски чие семејство има бизнис со продажба на оружје и воена опрема. „Сајтрокс“, сега е дел од групација која се занимава со изработка на т.н шпионски софтвер и со неа, според последните информации, управуваат израелски државјани.

Поврзани новости