Тајна или тактика? Никој не знае кои се општините кои набавувале струја по цена за домаќинства

by Fokus

ЗЕЛС ниту ги советувало ниту пак има информација кои се општините кои како што рече претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски со цел да ги намалат своите трошоци,  формирале јавни претпријатија преку кои електричната енергија за улично осветлување ја добиваат од ЕВН, по цена за домаќинствата.

– ЗЕЛС нема дадено совет  на општините да користат  струја за домаќинства преку јавни претпријатија за улично осветлување и дека ЗЕЛС нема информации кои општини  и дали воопшто некои општини реализирале вакви активности, велат од Заедница на единиците на локална самоуправа во одговорот за „Фокус“.

Имиња на општините не добивме ниту од Регулаторна, ниту пак од Министерството за економија кои пак се надлежни за јавните претпријатија.

-Изигрувањето на законот наместо механизам на заштеда на електрична енергија е изигрување на државата, поточно на граѓаните, а тоа директно влијае на цената на струјата. Времето на евтина струја помина, дел од општините се насочија кон алтернативи извори на улично осветлување, а другите пак несериозно постапувале и сега сметката повторно ќе ја платат граѓаните, вели за „Фокус“ министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

Но и Милевски не знае кои се општините кои ги посочи Бислимовски во саботата.

Според Бислимовски трошокот од 30 милиони евра, што го направиле општините значи 10 отсто зголемување на електричната енергија за граѓаните од јули. Тој трошок РЕК сега ќе го префрли назад кај сите тие општини.

Во моментов, РКЕ работи на креирање нов тарифник за електрична енергија. Бислимовски вели дека очекувањата се некаде да се движи од 150 до 250 киловат часови првиот блок, само за скапа тарифа, па потоа од 250 до кај 300 , 400 па 400 и нагоре.

Тој додава дека цената на сметките за струја најмногу ќе зависи од тоа каква цена ќе понуди ЕСМ и со цел да се спречи големо покачување, Бислимовски бара државните електрани да обезбеди сто проценти од потребите на „ЕВН ХОУМ“.

С.Т.

 

Поврзани новости