Автобусот на Дурмо турс немал уред за манипулирање на брзината, тврди сведок што го баждарел тахографот
Тахографот на автобусот на Дурмо турс немал уред за манипулирање на брзината кога бил баждарен од фирмата „Кинзо”, изјави сведок вработен во компанијата на денешното рочиште за автобуската несреќата кај Ласкарци.
Сведокот Горан Настевски, кој од 2010 до 2018 фодина работел во фирмата за сервисирање и баждарење аналогни и дигитални тахографи „Кинзо”, рече дека имале соработка со Дурмо турс.
– Јас имав контакт само со шоферите. Некогаш се најавуваа, некогаш директно доаѓаа, рече сведокот.
Прашан дали го познава Ремзи Мифтари, рече дека не го познава лично, но дека слушал за него од возачите на Дурмо турс. Сведокот кажа дека познава возачи на Дурмо турс, Бесник, Филип, Џемал, за кои рече дека доаѓале во фирмата каде што работел.
Прашан дали се сеќава дека го баждарел автобусот од сообраќајната несреќа на Дурмо турс, сведокот рече дека не се сеќава, зашто доаѓаат многу автобуси, но штом има негов потпис, тогаш сигурно тој го баждарел.
– Точно да се сеќавам дека ја сум го баждарел, не се сеќавам, изјави сведокот.
Прашан дали на автобусот имало уред за манипулација на тахографот, сведокот рече не.
– И да имало сигурно е отстранет штом е баждарено од моја страна, кажа сведокот.
Прашан какви жигови и пломби користела неговата фирма, сведокот рече дека тие користеле црвени пломби и жиг мк 40 001.
За тоа дали има видено во својата работа уреди за манипулација на тахографот, сведокот кажа дека има видено, особено кај постарите модели и дека во такви ситуации не се баждари.
– Ако сопственикот се буни не го баждарам, а ако сака да се баждари ги корнам жиците и го отстранувам зашто јас се потпишувам таму и мојот потпис стои таму дека тахографот е исправен, рече сведокот.
Судскиот процес го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.
За автобуската несреќа што се случи на 13 февруари годинава кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени обвинети се шест лица.
Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во формата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноел Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.