Тачи одлучи самостојно да оди на избори, Ахмети ги скрои пратеничките листи

by Фокус

ДПА самостојно ќе настапи на претстојните предвремени парламнетарни избори, одлучи партиското Централно претседателство на денешната седница што се одржа во Тетово.

-На седницата претседателот на партијата реферираше за состојбите, се започна дебата по што се донесе одлука ДПА сама да излезе на претстојните парламентарни избори. Ја користиме оваа прилика да ги повикаме сите Албанци да ја поддржат и гласаат ДПА како единствена национална партија на Албанците – изјави партискиот портпарол Луан Треси.

Според информации на Фокус, ДПА одлучи самостојно да настапи на избори, откако не ја прифатила понудата од СДСМ за предизборна соработка, со услов партискиот лидер Мендух Тачи да не биде кандидат за пратеник во шестата изборна единица.

Во меѓувреме, ДУИ ги затвора пратеничките листи, со тоа што, според партиски извори, веќе и дефинитивно е одлучено Али Ахмети да биде носител на листата во шестата изборна единица, Талат Џафери да ја предводи листата во „петката“, Изет Меџити во „единицата“, Арбер Адеми во „двојката“ и Беким Незири во „тројката“.

Од Алијансата за Албанците веќе најавија дека партискиот лидер Зијадин Села ќе биде носител на листа во „шестката“, додека, како што вели висок партиски функционер, генералниот секретар Арбен Таравари можно е да се кандидира во „тројката“, а пратеникот Сурија Рушити е фаворит за „петката“.

Лидерот на Алтернатива Африм Гаши, пак, ќе ја предводи коалициската пратеничка листа во „двојката“, додека за најсериозен кандидат за носител на пратеничката листа на АА и Алтерантива во „единицата“ е генералниот секретар на Алтернатива Скендер Реџепи.

Лидерот на БЕСА Биљал Касами, кој ќе настапи во предизборна коалиција со СДСМ, денеска изјави дека нормално би било тој да ја предводи заедничката листа во „шетската“.

Поврзани новости