Првиот човек на ДПА, Мендух Тачи ги оправдува протестите на Албанците, бидејќи според него, целиот судски процес за случајот „Монструм“ е некредибилен. Ваквите негови ставови, тој ги изнесе и на амбасадорите на САД и на Европската Унија, Пол Волерс и Аиво Орав на одделните средби што ги имаше синоќа. Тачи побара целиот процес да се врати од почеток, а јавноста да има целосен пристап до деталите.
– ДУИ е виновна за случувањата околу протестите. Таа партија не ги исполнува ветувањата. Ова е дел од големото незадоволство против Али Ахмети и политиките на ДУИ. ДПА воопшто не е дел од протестите. Судската одлука за случајот Монструм треба на сите да ни биде доставена, да видиме дали навистина постојат или не аргументи за такви казнувања. Овој процес ќе биде кредибилен, според нашето мислење, ако повторно се вратиме на нулта позиција. Токму ваквиот процес ја прелеа чашата на проблемите и дискриминацијата врз Албанците со години наназад – истакна Тачи.
Според него, протестите од последните денови се очекувани и легитимни, но демонстрантите мора да се воздржат од насилство.