Косовскиот претседател Хашим Тачи му го додели на претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп највисокото државно одликување на Република Косово, Орденот на слободата и воедно го покани во најскоро време да ја посети земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Канцеларијата на Тачи го објави неговото писмо упатено до американскиот претседател, во кое се наведува дека орденот на Трамп му се доделува за неговиот „придонес за слободата на Косово и за јакнењето на мирот и стабилноста во регионот“.
Во писмото се наведува дека договорот за економска нормализација меѓу Косово и Србија, кој на 4 септември беше потпишан во Белата куќа во Вашингтон, „не би бил возможен без силното лидерство на САД“ и на претседателот Трамп.
– Сакам да ја изразам мојата длабока благодарност за Вашиот личен придонес во постигнувањето на договорот за економска нормализација меѓу Косово и Србија. Овој договор претставува напредок од извонредно значење за затворањето на вековниот конфликт меѓу нашите народи. По децении на блокади и стагнации во преговорите, благодарение на вашето храбро лидерство го постигнавме овој историски договор, му пишува Тачи на Трамп.
Косовскиот претседател истовремено ги одликува со Претседателски медал за заслуги советникот на Трамп за национална безбедност, Роберт О‘Брајан и специјалниот пратеник за дијалогот меѓу Приштина и Белград, Ричард Гренел, за нивниот „придонес за постигнувањето на историскиот договор меѓу Косово и Србија“.
– Народот на Косово останува вечно благодарен на САД, нашиот спасител во нашите најтешки денови, кој беше и останува и натаму покрај нас, се вели во писмото на Тачи.
Тој порачува дека Косово „останува посветено на постигнување опстоен мир и долгорочна стабилност во Западен Балкан“ и дека е подготвено да придонесе за мир и безбедност во светот.
-Работевме многу во изминативе години и подготвенни сме да го дадеме нашиот придонес за мир и безбедност во светот. Исто така, непоколебливи сме во нашата посветеност за постигнување договор кој ќе ги реши сите отоворени прашања и ќе доведе до меѓусебно признавање на Косово и Србија. Повеќе од кога било јасно е дека ова може да се постигне само под силното лидерство на САД. Вашата улога во овој процес е од животно значење. Косово е навистина благословено со вашата непоколеблива поддршка за исполнувањето на неговите аспирации, пишува Тачи.
Во писмото до неговиот американски колега, косовскиот претседател нагласува дека косовскиот народ е „најпроамериканскиот народ во светот“.
– Од името на народот на Косово, задоволство ми е да ве поканам да го посетите Косово и да се уверите во прогресот кој што вие го овозможивте. Ќе ми биде голема чест да ви посакам добредојде и да ви го претставам најпроамериканскиот народ во светот, му порача Тачи на Трамп во писмото со кое го известува за одликувањето со највисокото косовско одликување.