Таблоидно општество

Големото нулирање

by fokus

Логичното прашање е зошто се случува таблоидизација на општеството? Одговорот е мошне едноставен: поради незадоволството и фрустрираноста на народот, кој како таков претставува добра мета на сите оние што можат да го вперат прстот во некој и да кажат: „Овој е виновен за вашите проблеми“!

Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Постапката за избор на партиски инсталации во Уставниот суд, по којзнае кој пат го соголи бламот и срамот на народните избраници. Ачик се виде дека кога нема Закон за Уставен суд, невозможно е  да се дефинира флоскулата „истакнат правник“. Следствено, секоја шуша може да биде судија за заштита на уставноста и законитоста.

Време на пропаганда и лаги, кои се прикажуваат како вистини. Невидена банализација и ширење на диспропорцијата меѓу реалноста и фикцијата. Статус кво партиите СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги релативизираа до бесвест состојбите, направија риалити шоу и таблоидно општество.

ПРОГЛАСУВАЊЕ НЕПОЖЕЛНИ

Процесот на нулирање сѐ што е македонско и создавање нова држава Република Северна Македонија со таблоидно општество почна со ребрендирање на знамето и бришењето на АСНОМ од Уставот. Продолжи со промена на името, воведување двојазичност, суптилно и перфидно бришење на македонскиот идентитет, историја и јазик. Финишира со суптилно и перфидно бришење на МПЦ и воспоставување ОА на територијата на РСМ.

Таблоидизацијата овозможи провинциски ограничениот, одмаздољубив и завидлив народ, повеќе да не е способен да ги открива и детектира вистинските вредности, туку таргетира успешни луѓе и ги прогласува за непожелни. За разлика, на пример, од британското општество, во кое на секој припадник што се истакнал во одредена област и постанал елита според заслуги, му се доделува благородничка титула сер, витез.

Македонската квазиелита, статусот не го добива поради заслуги, туку преку непотизам, кронизам и партиска книшка, па јавноста на неа гледа со скептицизам или потсмев. Многу често колатерална штета стануваат истакнати, па дури и вонсериски поединци, кои со талентот и успехот се искачиле до врвот и станале вистинска општествена елитa.

Логичното прашање е зошто се случува таблоидизација на општеството? Одговорот е мошне едноставен: поради незадоволството и фрустрираноста на народот, кој како таков претставува добра мета на сите оние што можат да го вперат прстот во некој и да кажат: „Овој е виновен за вашите проблеми“!

Завидливоста кон успешните се изразува со познатото „успехот не се простува“, кога популарните и успешните се „полеваат со помија“. Злорадосното ликување претставува своевидна компензација за личните комплекси, фрустрации и животни промашувања. Исчашената логика се сведува дека сите се неуспешни и несреќни, па сопствениот неуспех и несреќа полесно се поднесуваат.

„ПОЛЕВАЊЕ СО ПОМИЈА“

Суетата најмногу доаѓа до израз кога ќе успее некој близок. Во менталитетот на ова поднебје постои антрополошкиот преседан: „Јас го создадов, а тој ниту благодарност не ми изрази или да се реваншира на друг начин“. Туѓиот успех стана непростлив и извор на најниски човечки страсти. Постои и феноменот „Можев и јас ако сакав, ама ме мрзеше“, кој е потрагичен колку повеќе човекот е самоубеден во оваа максима.

„Полевањето со помија“ на успешните луѓе претставува дел од фолклорот, компатибилен со извитоперениот систем на вредности, кој се наметна во последниве триесетина години. Корумпираната власт ја узурпира државата. Во амбиент на селективност на привилегираните и неказнивост, „нема правда, нема мир“. Не е важно дали обичниот човек е во право, туку дали го познава обвинителот, судијата или човекот кој треба да го знае.

Специфична профанизација во површно „едно општеството за сите“, во кое клиентите, или молчат, или неодговорно мрчат. Заложници што глумат дека се неодтука и гувеат на грст политиканти, лузери, џган, шутраци, џамбази, аљази, ајвани, блефери, курнази, дустабанлии, лезетлии, копуци. Сѐ збирштина од несаглам партизирани и корумпирани човеци.

Можеби најсоодветен одговор за таблоидното општество е вицот за синот црв, кој го прашува таткото црв зошто токму тие мораат да живеат во измет, а не на пример, во јаболка или во некое друго овошје? Таткото црв му одговара едноставно: „Менталитет е менталитет, сине мој“!

Поврзани новости