Светската здравствена организација (СЗО) во четвртокот забележа рекордно зголемување на дневна основа на бројот на глобални случаи на коронавирус, објавувајќи дека бројот на заразени лица се зголемил за 338.779 случаи за 24 часа, пренесуваат светските новински агенции. Бројот на загинати се зголеми за 5.514 и сега изнесува вкупно 1,05 милиони. Индија забележа 78.524 нови случаи, Бразил 41.906 и САД 38 904. Претходниот рекорден број на нови случаи беше 330.340 на 2 октомври.
Дневниот број на новоинфицирани со коронавирус во Франција остана над рекордните 18 000 втор ден, а Италија забележа повеќе од 4000 нови случаи во еден ден за прв пат од средината на април. Во четвртокот беше активиран план за итни случаи во болниците во регионот на Париз. Откажани се празници и неитни операции, додека бројот на пациенти со коронавирус сочинува скоро половина од сите пациенти на единиците за интензивна нега
Во уште четири француски градови ќе бидат воведени воведени дополнителни рестриктивни мерки поради загрижувачки раст на бројот на заразени, откако тоа веќе беше сторено во Париз и Марсеј, објави во четвртокот министерот за здравство Оливие Веран.
Мерките, кои предвидуваат затворање на сите барови и построги здравствени протоколи во рестораните, ќе се применуваат од сабота во Лион, Лил, Гренобл и Сент Етјен, рече Веран.
Италија во последните 24 часа евидентирала 4.458 нови случаи со коронавирус, соопшти во четвртокот Министерството за здравство и ова е првпат да се надминат 4.000 случаи за еден ден од средината на април.
Дваесет и две заразени лица починаа вчера, додека 31 лице починаа претходниот ден, но тоа е многу помалку отколку во екот на пандемијата во Италија во март и април.
Бројот на заразени во Велика Британија достигна рекордно високо ниво со повеќе од 17.000 нови случаи во четвртокот.
Новите случаи во Белгија се зголемуваат седум дена по ред, а Германија објави најголем дневен број на нови инфекции од април.
Руските власти им препорачуваат на граѓаните да останат дома за време на викендот откако во четвртокот беа пријавени нови 11.493 случаи, што е близу до рекордниот дневен број од 11.656 случаи во екот на епидемијата на 11 мај, додека беа во сила строгите мерки за карантин.
Кремљ во четвртокот рече дека зголемувањето на бројот на случаи е причина за „сериозна загриженост“ и им порача на граѓаните да ги почитуваат мерките или во спротивно ќе бидат воведени дополнителни ограничувања.
Русија со околу 145 милиони жители е четврта по големина во светот со бројот на заразени кој изнесува 1.260.112 лица.
САД, кои имаат најголем вкупен број на случаи и смртни случаи во светот, сега имаат најмногу хоспитализирани пациенти со ковид-19 од почетокот на септември.