СЗО смислува ново име за мајмунските сипаници

by Fokus

Светската здравствена организација соопшти дека нејзините експерти смислуваат ново име за мајмунски сипаници. Ова следува откако повеќе од 30 научници укажаа на итна потреба од „ново, недискриминирачко и нестигматизирачко“ име за вирусот и за болеста што ја предизвикува.

„Натамошното опишување на вирусот како африкански е неточно и дискриминирачко“, кажаа научниците.

Во изминатите недели се регистрирани повеќе од 1.600 случаи на мајмунски сипаници на светско ниво, од кои 452 во Англија, што е најголемото ширење на вирусот надвор од Африка досега.

Прво идентификувана кај мајмуни, оваа болест е карактеристична за зафрлени делови на централна и западна Африка. Станува збор за ретко вирусно заболување кое вообичаено е благо и заразените заздравуваат за неколку недели. Вирусот не се пренесува така лесно помеѓу луѓето, па ризикот од поголемо ширење е многу мал.

Следната недела, СЗО ќе одржи вонреден состанок, на кој ќе се дискутира дали последното ширење на мајмунски сипаници да се класифицира како вонредна состојба за јавно здравје од меѓународен интерес. Ова досега беше направено само за свински грип, ебола, зика, детска парализа и ковид-19.

Поврзани новости