Новиот вид коронавирус што се појави во Велика Британија, веќе е регистриран и кај лица во Австралија, Исланд, Италија, Холандија и во Данска, соопштија официјални претставници на Светската здравствена организација (СЗО).
Здравствените власти во Франција и Јужна Африка се сомневаат во појава на новиот тип и во нивните земји, но се уште немаат излезено со официјална потврда.
Службеникот на СЗО, Мајк Рајан, истакна дека, иако новиот вид на вирус се шири многу побрзо од претходно познатата варијанта, преносот не е толку брз како кај сипаници или заушки.
Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, на 19 декември објави дека новиот вид на вирус довел до зголемување на бројот на заразени во земјата, а неколку европски земји воведоа ограничувања за патување во Велика Британија.
Потсетуваме, мутираниот тип на корона вирусот за прв пат е откриен во Лондон и на Југоисток на Велика Британија во почетокот на овој месец. Тој е до 70% поинфективен од првичниот вид, бидејќи има многу поголемо вирусна активност.