Светската здравствена организација (СЗО) објави дека не е изненадена од француското истражување кое покажа дека корона вирусот бил присутен во таа земја уште на 27 декември. СЗО притоа ги повика земјите да истражат и други сомнителни случаи.
Корона вирусот кој ја предизвикува болеста КОВИД-19 првпат бил пријавен од кинеските власти во СЗО на 31 декември и досега се веруваше дека се проширил во Европа дури во јануари.
„Ова фрла нова светлина на сѐ досега. Француското откритие може да ни помогне подобро да го разбереме ширењето на корона вирусот“, изјави портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмаер, додавајќи дека со повторни тестирања би можеле да се откријат уште рани случаи.
Француски истражувачи предводени од д-р Ив Коен повторно тестирале стари брисови од 24 пациенти од две болници во близина на Париз и еден од нив бил позитивен на корона вирус.