Во светот денеска се одбележува Денот на слободата на медиумите за која се оценува дека е на најниско ниво во последните 12 години. Во повеќе земји ќе се одбележи со меѓународна акција „Пет минути громогласна тишина“ со цел да се предупреди јавноста на се потешката положба на новинарската професија. Во последниот извештај на Фридом хаус се наведува дека во 2015 година од 199 земји и територии во светот, една третина имаат слободни медиуми, додека во 66 насто нема слободни медиуми. Светскиот ден на слободата на медиумите е прогласен од генералното собрание на ОН во 1993 година.
Инаку, Македонија неодамна во извештајот на Фридом Хаус беше оценета како неслободна земја во однос на медиумските слободи. За промената на статусот на земјава, која лани беше оценета како делумно слободна, за сега да падне до неслободна, во извештајот се објаснува дека е последица на објавите што укажуваат на опсежно и незаконско прислушување од страна на Владата на новинари, потоа, на корупциската поврзаност меѓу функционери и сопственици на медиуми, и на растечката бројка закани и напади врз медиумските работници.