Светска банка: Пензискиот фонд на Македонија е во опасност

by fokus

Алармантни забелешки за развојот на македонската економија посочи Светската банка, во редовниот полугодишен економски извештај за Југоисточна Европа.

Намален економски раст, зголемен јавен долг, зголемување на невработеноста и зголемени фискални притисоци се само дел од забелешките за Македонија.

Светска банка особено потенцира дека македонскиот пензиски фонд е во опаснот, а главната причина за тоа се новите вработувања со последните владини мерки.

Во извештајот се нотира дека дури 89 отсто од новокреираните работни места се со фискален стимул. Само во минатата година од 21 илјада нововработени дури 18.700 работни места биле стимулирани од Владата.

Кај овие работни места работодавецот е ослободен од плаќање на социјални придонеси и слични давачки, па дефицитот во ПИОМ се пополнува со буџетски пари.

Освен тоа, Светска банка го намали и проектираниот економски раст на земјата на 2 проценти, како последица на намалените инвестиции кои биле силно погодени од политичката криза.

Директорот на Светска банка за Македонија и Косово, Марко Мантованели нагласи дека фискалниот дефицит расте, а тоа има импликации врз вкупниот јавен долг на државата.

-Нема ништо лошо во задолжувањето за да се одржува јавниот долг, и да се покрие фискалниот дефицит. Но кога се задолжувате, потребно е да ги инвестирате тие средства колку што е можно попродуктивно – порача Мантованели.

За да се подобри економијата, Светската банка препорача што поскоро завршување на политичката криза, намалување на фискалниот дефицит, намалување на јавниот долг и структурни реформи.

Поврзани новости