Свети Великомаченик Георгиј Победоносец (кај нашиот народ познат и како Свети Ѓорѓија) живеел во времето на римскиот цар Диоклецијан (284-305 година од нашата ера). Тоа биле времиња кога христијаните биле прогонувани и садистички убивани. Георгиј бил римски војник и потекнувал од богато христијанско семејство од Кападокија (познат археолошки регион во денешна Турција, во кој, меѓу другите, живеат веќе трета генерација Македонци раселени по големата размена на населението меѓу Грција и Турција во 20-те години на минатиот век). Завршил воени училишта и бил на служба кај Диоклецијан, каде што истакнувајќи се со својата храброст и сила, во својата 20-та година го добил чинот трибун (според денешни стандарди, најблиску до полковник), а подоцна станал и царски пратеник. Знаејќи дека поради верата во Христа набргу ќе настрада, по смртта на својата мајка го раздал имотот на сиромашни, а робовите ги ослободил. Јавно се спротивставил на прогонувањето на христијаните, не можејќи да ја поднесе неправдата.
Поради тоа бил фрлен во затвор и сурово измачуван за да се откаже од својата вера во Христа. Не се откажал, поради што, по наредба на царот, на 23 април 303 година, бил обезглавен, а бил прогласен за светец во 494 година од Папата Гелазиј Први. Во христијанската иконографија, Св. Георгиј најчесто е насликан како војник јавнат на бел коњ со долго копје в рака, прободено во устата на олицетворението на злото – страшната ламја. Има уште еден битен момент поврзан со овој христијански светец – него го слават и Ромите, кои мнозински му припаѓаат на исламот. Тоа е Ѓурѓовден кој се празнува секој шести мај. Се работи за еден од поголемите пролетни празници кој го слави целото население во Македонија, бидејќи во неговата основа е празнувањето на природата, на будењето на вегетацијата и на животот воопшто.
Иако, не сум кој знае каков верник, се нафатив да го читам житието на Свети Ѓорѓија, инспирирана од Мојот генерал – Стојанче Ангелов. Можеби на многумина ќе им звучи богохулно и претерано споредувањето на светец со еден земски смртен човек, ама сметам дека улогата на светите маченици е токму тоа – да нé инспирираат со својата трансцедентална истрајност и верба во Бога и во себе. Стојанче Ангелов е човекот кој секогаш ќе биде „Мојот генерал“, не само поради тоа што во еден период бев мошне активна во партијата „Достоинство“, не само поради тоа што лично го знам како искрен, храбар и чесен човек, не само поради тоа што слично на Свети Георгиј е воин што значи принципиелен, нескршлив, упорен и самодисциплиниран човек, не само поради тоа што идентично на цитираниот светец претставува магнет за луѓе од различна етничка и верска припадност, туку пред сé, затоа што се работи за еден уникатен и неповторлив лик во нашиот политички фолклор.
И, можеби токму така ќе го третирав препуштајќи го Мојот генерал на неговата „донкихотска“ борба пред МРТВ каде што секоја вечер со сé поголема поддршка јуриша врз совеста на раководството на јавниот македонски радиодифузен сервис платен од сите граѓани. И немаше да пишувам за неговите животни патешествија исполнети со многу жестоки разочарувања и падови, но со уште поупорни станувања и продолжувања по истиот пат, да не се случеше една колумна од професорката Билјана Ванковска, објавена во денешна „Нова Македонија“. Ама, ете, се случи.
Ванковска напишала дека „пред само една година истиот човек имаше мака да собере 10.000 потписи за претседателските избори, но денес е виден како грамада, морална и умна фигура, и тоа токму од оние што тогаш нѐ убедуваа дека партиски кандидат е всушност независен. Ангелов неодамна беше реизбран за лидер на својата партија – но, сега бараат тоа да го заборавиме бидејќи има улога на активист и како херој на мигот станува недопирлив“. А посебно ме заболеа следниве нејзини зборови: „Идејата за херојот, како човек (ветеран или политичар сеедно) од посебен ков, со вонредни способности, е крајно неегалитарна. Таа е прифатлива за оние што имаат потреба од спасител, па викаат „сите сме ние… едикојси“.
Без намера да полемизирам со ценетата професорка и да ја потсетувам на нејзиното неуспешно фејсбук-собирање потписи за претседателски кандидат, што во старт ѝ го урива кредибилитетот да пишува на оваа тема, имам потреба да кажам неколку глаголи.
Пред сé, Мојот генерал е херој. И воен и политички и семеен и човечки. Во денешно време на изгазени вредности, на продадени души, на злобни лицемери, на партиски безрбетници и на медиумски манипулатори, простете, ама мене ми треба херој. Не пастир за да ме води како залутана овца, не интелектуален драмосер (се извинувам за изразов, ама посоодветен не ми текна) кој ќе ме советува како да размислувам, туку херој. Херој, кој со својот личен пример наспроти сите искушенија, премрежија и опструкции кои му се случиле и сé уште му се случуваат, останал доследен на својата цел. Херој, кој наспроти сите ризици за подбив и јавни омаловажувања, застана со своите неколкумина другари пред зградата на МРТВ и Јавното обвинителство за да каже – доста беше! Херој, кој повикува на правда и на вистина.
Не знам дали Мојот генерал планира некогаш да се занимава со висока политика, ама знам дека ова не го прави за да си одработи министерско место во некоја идна влада.
Не знам дали Мојот генерал ќе ја урне оваа тоталитаристичка и недемократска Влада, ама знам дека секоја вечер со него има сé повеќе луѓе од најразлични профили.
Не знам ни дали сите оние кои сега стојат зад него, еден ден ќе се разотидат по дома, ама знам дека Мојот генерал ќе остане. За да нé потсетува на нашата совест и граѓанска обврска да бидеме херои на нашето време, пример за нашите деца и инспирација за идните генерации.
И, по цена некому сето ова да му изгледа неегалитарно!
Гордана Попсимонова, универзитетски професор