Сведокот во Поткуп конфузен: Обвинителот и двајца од МВР доаѓаа кај мене во Струмица

by Fokus

Бизнисменот Иван Николов кој денеска во Кривичниот суд сведочи во случајот Поткуп, каде што обвинет е премиерот Зоран Заев, тврдеше дека лидерот на СДСМ му барал 3 евра поткуп од метар квадратен, и тоа едно евро за него, едно за црквата и едно за партијата.

Сепак, ова што денес го кажа бизнисменот не се совпаѓа, со она што го кажал во истрага бидејќи тогаш пријавил дека Заев му рекол да даде три евра за изградба на црквата. Ова од записник од истрагата го прочита адвокатот на Заев, Филип Медарски, а сведокот потврди дека е негов потписот на записникот. Сепак, сведокот тврдеше дека тој тоа не го кажал пред обвинителството, но неколку пати повтори дека потписот е негов.

– Не знам кој го пишувал тоа, јас така не реков, ама потписот е мој, – рече сведокот.

На прашање на адвокатот дали МВР му ја дало или инсталирало опремата, тој појасни дека му побарале палто, по што ја наместиле опремата за снимање.

На прашањето дали му дале инструкции како да снима, тој истакна дека му рекле да гледа право кон Заев.

-Половина час пред средбата ми беше дадено палтото. И тогаш дојдоа двајца со цивилна кола и ми кажуваа како да постапам, рече сведокот.

Тој појасни дека палтото постојано било кај полицијата, му го давале пред средбите да го облече и потоа пак го земале.

– Кај мене доаѓаа од МВР и обвинителот. Ми рекоа дека ќе бидат на друго место и таму да го носам палтото, рече сведокот појаснувајќи дека се сретнувале кај автобуската станица.

Бизнисменот додаде дека обвинителот не доаѓал секогаш. На прашање колку пати дошол обвинителот, сведокот се предомисли па рече дека обвинителот не доаѓал, туку тој одел кај него во Скопје.

Но, потоа пак се предомисли.

– Првиот пат беше дојден и обвинителот. Бев до дома земав палто, го однесов и рекоа дека е добро, рече сведокот.

Тој на крајот призна и рече дека обвинителот два-трипати бил во Струмица. Првиот пат се сретнале кај автобуската, а останатите средби биле во неговата фирма.

– Никогаш не беше сам. Цело време беше со лица од МВР, но сите беа во цивилно. Во придружба на обвинителот секогаш беа двајца – рече сведокот.

На прашање на адвокатот Медарски за што разговарале, тој рече дека зборувале за случајот.

Бизнисменот Николов рече дека за време на истрагата во обвинителството два пати дал исказ, но адвокатот Медарски му предочи на судот три записници од истрага, од 19.12.2013, од 12.03.2015 И 01.04.2015 година, а на кои стои потписот на сведокот, кој самиот го потврди.

На прашање на адвокатот зошто случајот не го пријавил во Струмица, тука во Скопје, тој рече:

-Тој ден на Св. Никола бев во Скопје да завршам други работи. Кога завршив, во глава ми дојде дека ако го пријавам Заев во Струмица тој прв ќе дознае. Затоа така одлучив, рече Николов.

Исто така, на прашање на адвокатот дали дал мито за 7.000 метри квадратни. кој веќе ги купил од државата? Сведокот одговори дека не дал пари повеќе од тие за купопродажбата на државното земјиште.

В.В.

 

Поврзани новости