Сведок за „Маџар Телеком“ откри дека добивал закани да не сведочи

by fokus

Универзитетскиот професор Дејан Мицковиќ, кој сведочел за случајот „Маџар Телеком“, во Македонија но и во Америка, бил под постојани закани. Тој во еден период, односно од 2004 до 2006 година, бил претседател на одборот на директори Македонски телекомнуникации АД Скопје.

Тој на денешното рочиште во Кривичниот суд, одговарајќи на прашање на обвинителката Лиле Стефанова, меѓу другото, појасни и за заканите кои ги добивал.

-Пораки со заканувачка содржина добивав по меил уште пред моето сведочење и за тоа го известив тогашниот републички јавен обвинител Љупчо Шврговски, но и американскиот истражител. Подоцна со овие пораки го запознав и обвинителот кој го водеше случајот во Македонија, Марко Зврлевски, рече сведокот.

Тој појасни дека тогаш федералниот судија кој го водел случајот во Америка, донел одлука да биде третиран како загрозен сведок и неговото сведочење да не се објавува во текот на постапката.

На прашањето на обвинителката Стефанова дали се утврдило кој му се заканува, сведокот истакна:

-Не се утврди, меѓутоа јас и покрај пораките сведочев кога и да бев повикан.

-Освен пораките, во канцеларијата на Правен факултет дојде за мене непознат човек со предупредување да не сведочам. И оваа го пријавив кај надлежните, но завршница немаше, рече сведокот, кој додаде дека заканите ги добивал во периодот на 2008 година.

Судењето за овој случај го водеше редовното обвинителство уште од 2011 година, но поради постојаното одложување немаше завршница. Од неодамна предметот го презеде Специјалното јавно обвинителство.

Професорот Мицковиќ сведочел и пред две години, како сведок повикан од одбраната, но обвинителката Стефанова го повика повторно, бидејќи како што рече обвинителката Стефанова, тогашниот обвинител не му поставувал прашања.

Во Македонија за овој случај беа поднесени кривични пријави против четворица странски државјани уште во декември 2008 година, неколку години пред Американците да го сторат тоа врз основа на Законот за надворешни коруптивни практики на САД, затоа што во периодот кога се случила корпуцијата, Маџар Телеком котирал на американската берза.

Во Македонија за злоупотреба на службената положба беа обвинети генералниот директор на Македонски Телеком Атила Сендреи, финансискиот директор Ролф Плат, како и Михаил Кефалојанис и Золтан Кешиус. Но, кратко потоа тужбата за еден од нив е повлечена.

Унгарецот Атила Сендреи и членовите на тогашниот Одбор на директори во „Македонски телеком“, Германецот Ролф Плат, Гркот Михаил Кефалијанис и Унгарецот Золтан Кишјакус, се обвинети дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“ и на тој начин го оштетиле „Македонски телеком“ за речиси 4 милиони евра, а буџетот за 2 милиони евра, бидејќи Владата во тој период поседуваше 47% од акциите во компанијата.

Аферата доби нова димензија по сведочењето на ексразузнавачот Слободан Богоески пред окружниот суд во Њујорк, кое беше објавено јавно и за првпат во јавноста беа посочени конкретни имиња. Богоески во сведочењето тврдеше дека мито од „Маѓар телеком“ зеле поранешниот премиер Владо Бучковски, како и функционерите од ДУИ Али Ахмети, Муса Џафери и Абдулхалим Касами. Ахмети и Џафери, кои го тужеа Богоески за клевета и навреда, го добија случајот на суд, но Апелацискиот суд ја укина пресудата.

СЈО водеше и предистражна постапка за случајот, која, најверојатно, ќе биде дел од тезата што ќе се обидат да ја докажат. Скопското обвинителство долго време не му го даваше на СЈО предметот „Маѓар телеком“ со образложение дека не се поврзани ниту, пак, произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Валентина Вурмо

Поврзани новости