Сведок во „Монструм“: Бев со девојка на Смилковско езеро, двајца Алфи не легитимираа

by Fokus
Со сведоци предложени од одбраната денеска во Кривичниот суд Скопје продолжи судењето за петкратното yбиство кај Смилковското Езеро во април 2012 година.
Сведокот Назиф Буши во својот исказ пред судот рече дека со Сами Љута, (обвинет во случајот ,„Монструм”) живеат во иста населба, односно дека Љута живеат блиску до неговите први братучеди.
– Обвинетиот Фејзи Азири го познавам од активности на партијата, кога бев назначен како координатор на партијата во Чучер Сандево. Сами Љута живее во близина на Сенад Буши, мој прв братучед. Тој беше присутен и на свадбата на мојот братучед. Косата му беше слична како сега, рече сведокот Буши.
Другиот сведок на одбраната Шевал Алити, сведочеше за денот на убиството во Смилковско Езеро. Алити во својот исказ кажа дека тој ден бил кај Смилковското Езеро со девојка.
– Десет минути од кога стигнав кај Смилковско Езеро, дојде една кола со двајца Алфи. Се сеќавам темница беше, за точно време не се сеќавам. Алфите не легитимира. Додека бев таму не слушнав ништо. Алфите ни ги зема личните карти и ни рекоа да седнеме во кола, до 23:30, рече сведокот Алити.
Истиот, како што посочи обвинителката Фатиме Фетаи, давал изјава и во СЈО, но таа не го предложила како сведок зошто не кажал ништо суштински.
Пред започнување на рочиштето, судијата Огнен Ставрев рече дека барал од МВР да го најдат лицето Вахид Берат, но не го нашле.
– Вахид Берат не работи веќе во МВР, добил отказ, отиден е во Германија и од тогаш не е достапен. МВР цел викенд го бараше, наведе судијата Ставрев.
Освен вербални докази на денешното рочиште за ,,Монструм” беа презентирани и материјални докази.

Поврзани новости