На малечката Тамара Димовска која почина пред пет години и било обезбедено и решение и пари за лекување во болницата Медипол во Турција, но нејзината мајка не го подигнала решението од Фондот за здравство и сакала да бара медицински азил во Германија или во САД, сведочеше на денешното рочиште вработен во Фондот за здравство, Бранко Аџигогов кој на судењето беше предложен како сведок на одбраната на поранешната директорка на ФЗОМ, Маја Парнаџиева- Змејкова.
Според неговото сведочење, мајката на девојчето, Жаклина Димовска побарала средба со директорката на Фондот и на 21 јануари 2015 година, дошла во канцеларија во Фондот и се сретнала со Аџигогов. На оваа средба тој и го покажал позитивното решение за лекување на малата Тамара која имаше тежок облик на сколиоза, за во болницата во Турција, но мајката се распрашувала дали може операција да биде направена во Чикаго или Германија, каде Димовска сакала да побара медицински азил бидејќи и нејзината помала ќерка има срцева маана. За неа имала закажано операција во приватната кардиохирургија Жан Митрев. Оваа операција за второто дете рекла дека ќе ја плати на притватно, бидејќи немале здравствено осигурување.
-Кога ја прашав зошто немаат здравствено осигурување ми кажа дека таа и и сопругот си дале отказ од работа и дека убаво живееле од парите од донации, сведочеше Аџигогов.
Тој и објаснувал дека мора да имаат здравствено осигурување за да се лекува Тамара во странство и и ја објаснил процедурата каде и како да се пријави за да се осигура здравствено. Сепак, според сведочењето на вработениот во Фондот за здравствено осигурување, мајката не ја однела нејзината помала ќерка на операција за срце, а за ова Аџигогов го известила лекарката која требало да го оперира девојчето. Мајката не го подгинала решението со кое и се одобрува на Тамара операција во болницата Медипол бидејќи за на осми февруари договарала операција во Турција кај професрото Уфук Талу во болницата „Аџибадем“ во Турција, кај лекарот кој претходно ја прегледувал Тамара. бидејќи претходно тој ја прегледувал. Сведок тврдеше дека за операцијата биле обезбедени 33.000 евра, кои требало потоа да бидат рефундирани.
Љубомир Михајловски-Џанго, адвокатот на поранешната директорка на Фондот, Маја Парнаџиева вели дека со ова сведочење се случил пресврт на судењето.
-Се потврди она што одбраната цело време го кажува, се потврди дека јавноста е доведена во заблуда во изминатиот период. Ова е пресврт во судењето и во понатамошниот тек на постапката се повеќе ќе се докажува околу средства што се собрани, потрошени, средства коишто биле наменети за лекување, а не се употребени за лекување. Јас знам дека не се искористени за лекување, а каде се потрошени, тоа ќе мора мајката да ја прашате. Има материјални докази, пари се одобрени од Фондот, паричните средства, решение и формалности не биле причина за да девојчето не биде лекувана во странство, вели Михајловски.
Според сведочењето пак на мајката, на Тамара ѝ била дијагностицирана сколиоза кога имала една година и ѝ било сугерирано да се оперира на Клиниката за трауматологија. Ѝ била направена една операција на која ѝ била вградена метална шипка во грбот со препорака да ѝ се вгради уште една шипка, но од другата страна. Но лекарот што ја оперирал заминал во пензија и тоа не се остварило.
„Тогаш почна нашата борба да ѝ ја извадиме шипката и да ставиме нова. Сите доктори ни сугерираа дека тука не постои клиника која ќе ја изврши оваа операција. По долги напрегања, во клиниката ‘Филип Втори’ на Тамара ѝ беше извадена шипката. Оваа шипка ја носеше долги години и таа направи голема штета за нејзиниот организам“, раскажуваше мајката. Лекарот Владимир Ковач, кој ја извадил шипката, го донел девојчето на раце и на мајката ѝ рекол „Има големи оштетувања во градниот кош на белите дробови, дишните патишта и функционирањето на целиот детски организам. Ова дете во најкус можен рок треба да се оперира бидејќи може да се случи трагедија“, рече Димовска.
Тогаш почнала нивната нова борба и тропање на врати по институциите, барање конзилијарни мислења и чекање одобрение од Фондот за здравство за решение да се лекува во странство. Со првото конзилијарно мислење на девојчето му било одобрена операција во странство. Но од Фондот им стигнало решение дека не се исцрпени сите можности и девојчето треба да се лекува во новиот спинален центар кој требало да биде отворен во Македонија. Потоа, следувале жалби и барања за прием кај тогашниот министер за здравство Никола Тодоров, а во меѓувреме искривувањето на ‘рбетот се зголемило од 45 на 90 степени.
На јавен настан таа успеала да ѝ го раскаже случајот на тогашната директорка од Фондот за здравствено осигурување Маја Парнаџиева-Змејковска, која ѝ кажала дека во Македонија ќе дојде лекар од Турција кој ќе ја прегледа Тамара. Првата реакција на лекарот била: „Господе, ова не е човечко тело, како ова дете живее, што сте чекале“. Од прегледот не добила никаков извештај. Од Фондот ѝ порачувале да биде трпелива, дека се работи на тоа да добие решение.
И додека девојчето чекаше да добие одобрение за лекување во странство, почина од компликации на белите дробови. Решението со кое ѝ се одобрува лекување стигна неколку дена по нејзината смрт. За овој случај се води судски процес против 12 лица, но не и против тогашниот министер за здравство Никола Тодоров.
Обвинителството констатирало дека и првостепената и второстепената комисија, како основа за нивната одлука да не го пратат девојчето да се лекува во странство, ја зеле предвид изјавата на тогашниот министер дека пациентите со деформитет на ‘рбетот нема да одат во странство поради можноста за извршување на ваквите операции на Клиниката за ортопедски болести во Скопје, иако во тој момент сè уште не постоеле услови во Македонија за извршување вакви операции. Семејството на девојчето сега живее во Словенија, а нејзиниот дедо беше осуден бидејќи пукаше кон Тодоров.
Ф.Ф.С.