Сведок: Ангела го викаше Пино на тепачка, и требало кола да стави девојка во ѓепек

by fokus

Ангела го викала Пино да дојде кај нејзе бидејќи планирала тепачка со девојчиња и и требало автомобил за да стави една од девојките во ѓепек, сведочеше еден од другарите на Пино, Мартин Јаневски на судењето за убиството на Пинета Секондо.

Мартин дознал за комуникацијата меѓу Пино и обвинетата за убиството, Ангела Ѓорѓиевска кога таа на роденденот на Пино му се јавила и го викала да и помогне во тепачката. Пино не прифатил бидејќи било еден час по полноќ, немал бензин и не сакал да се впушта во проблеми.

Мартин и Пино ги споил нивниот заеднички интерес за автомобилите, знаел некои од неговите девојки, но Ангела не ја знаел. За нејзе почнал да се распрашува кога слушнал дека Пино исчезнал откако негов другар му кажал дека Пино можно е да бил со “ќоравата од Ѓорче”, надимак кој го користеле за Ангела. Мартин почнал да се распрашува, и пишал на Ангела на Фејсбук и потоа се слушнале на телефон, но таа му одговорила само дека Пино бил вечерта кај нејзе на цигара и си заминал. Истиот ден Мартин ја прашувал Ангела и други информации за Пино, но таа рекла дека не знае ништо повеќе и го блокирала на социјалната мрежа Фејсбук.

-Таа звучеше смирено, спокојно и тотално незаинтересирано, рече Мартин. Како што растеле сомнежите за Ангела, Мартин почнал да се распрашува по луѓе за нејзе.

Девојка која ја знаела од Основно училиште му кажала дека е ризична дружбата со нејзе бидејќи била спремна на се, па макар и на убиство. За нејзиното друштво дознал дека биле уживатели на психотропни супстанци, дроги и се движеле во такви кругови.

– Ми изгледаше чудно, не сакаше да помогне, рече Мартин.

Девојката на Мартин се распрашувала исто така преку заедничка пријателка, на која Ангела и порачала “зошто се распрашувате за мене, јас сум чиста, ширите навреди за мене”. Таа не сакала да прифати средба со другарот на Пино бидејќи немало што да разговорот.

На прашање на одбраната Мартин рече дека Ангела никогаш не ја видел лично и не ја знаел лично.

Пред судот сведочеше и уште еден другар на Пино, Божидар Спасовски кој рече дека со Пино биле како браќа.

-Беше прекрасен човек и незаменлив, рече неговиот другар. Пино му ја имал покажано Ангела на слика, но во живо не ги видел.

Со овие сведочења заврши испитувањето на сведоци предложени од обвинителството и почна изведувањето на материјалните докази. Меѓу доказите беше прочитано и едно писмо на 11 страници со потпис Сатана.

Пино со месеци се водеше како исчезнат, а потоа случаен минувач најде остатоци од неговото тело. За неговото убиство обвинет е Али Фуркан, кој е во бегство, а на обвинителна клупа е Ангела, која е обвинета дека го намила Пино да дојде била присутна на неговото убиство и заедно со Фуркан го закопале телото.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости