Сведочењето на загрозениот сведок во “Монструм” одложено за 11 јули, сведоштвото ќе го слушне и јавноста

by fokus

Иако беше најавено дека денеска во Кривичниот суд на рочиштето за случајот Монструм ќе сведочи загрозениот сведок, со псевдоним Е1, сепак судијата Огнен Ставрев истакна дека нема технички услови за негово сослушување.

Тој ќе сведочи на рочиштето закажно за 11 јули. Како што истакна судијата сведочењето ќе може да го слушне и јавноста, бидејќи на тоа инсистираат и обвинителите од СЈО и адвокатите на обвинетите, иако првичниот став на судот беше дека то ќе се случува зад затворени врати. Доколку судијата остане на дадениот збор, ова ќе биде прв пат јавност да слушне сведочење на загрозен сведок.

Тој нема да присуствува во судница, туку во друга просторија а неговиот заматен лик ќе се гледа на монитор, а гласот ќе му биде мутиран, за да никој не може да го препознае.

Како што информираат од одбраната, постоеше можност на видео бим да се пушти снимката од исказот кој го дал сведокот на првото судење, меѓутоа одлучено е да се изврши негов повторен распит бидејќи случајот од неодамна го презеде СЈО.

За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, беше отворен предмет „Монструм“, а на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, по што судењето почна од почеток, под палката на СЈО.

В.В.

Поврзани новости