Судијката Лидија Петровска ги испрати поканите до странките опфатени во случајот „Тврдина”, за првото рочиште закажано за 28 ноември, информираа денеска од Кривичнио суд.
Во него се обвинети седуммина за уништување на документација поврзана со опремата за нелегално прислушување, меѓу кои и поранешниот директор на петтата управа Горан Грујовски. Станува збор за едно од првите две обвиненија што Специјалното јавно обвинителство ги поднесе на 15 септември, годинава.
Судијката пак, Лидија Петровска беше спомената во една од „бомбите“ што лани ги објави СДСМ, во разговор наводно воден меѓу судијката Софија Лаличиќ и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, во кој се тврди дека Петровска работното место го добила со купување подароци од брендот „Сваровски“ за претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова.
Набрзо по објавување на „бомбата“, Неделкова тврдеше дека таа не добивала подароци од никого, најмалку Сваровски кристали, велејќи „повеќе сум љубител на бисери, отколку на Сваровски“.
Специјалното јавно обвинителство веднаш по поднесувањето на обвинението побара нејзино изземање од случајот, но претседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски го одби барањето. Неговата одлука ја потврди и Апелацискиот суд Скопје.